Copy
Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Австралиско-Сиднејска Епархија 
View this email in your browser
Share
Tweet
Forward

„ПРЕОБРАЖЕНИЕ“

Електронски неделен билтен на Австралиско-Сиднејската Епархија при Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

Година I; број 5, 6-ти април 2017 – Недела на Cвета Марија Египетскa

Издава:
Епархиски црковно-просветен совет на Австралиско-Cиднејската Православна Eпархија

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот Дебарско – кичевски и
Администратор Австралиско – сиднејски
г. Тимотеј +
 
                                                    Содржина:
 
  1. Недела на света Марија Египетска – протојереј-ставрофор Ефтим Бетински
  2. Беседа во Неделата на света Марија Египетска – митрополит г. Тимотеј
  3. Недела на преподобна Марија Египетска – митрополит Сурожски Антониј Блум
  4. Икона на надежта – отец Григориј Џенсен

Недела на Свети Јован Лествичник


Света Марија Египетска, е пустински аскет, преку чиј живот Црквата ни го искажува искреното покајание и неискажаното Божјо човекољубие кон оние кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Црквата го празнува нејзиниот спомен на денот на нејзиното упокојување, 14 април (1 април ст.ст.), но дополнително се празнува и во Неделата на света Марија Египетска, односно петтата недела од Великиот пост.

Марија Египетска во својот живот соединила и пројавила две крајности - бездната на гревовите и височината на побожноста и добродетелите. Во својата младост, заробена и соблазнета од порокот, седумнаесет години поминала во грев, но со силата на Божјата благодат, како заблудената овца, повторно се вратила во Црквата. На повикот од Црквата, Марија, која не внимавала на Божјите заповеди и која го помрачила во себе Божиот образ, по Божја промисла повторно благодатно се обновила. Живеела во шестиот век после Христа, и чудесно се упоколила во 522 година.
Житие
 
Родена е во Египет и од дванаесетата година го осетила повикот од страните закони, и занемарувајќи ја родителската љубов, побегнала од нивниот дом и отишла во Александрија, каде целосно се предала на разврат и блуд цели седумнаесет години.Оддадена на проституција, скоро никогаш не земала пари за телесните наслади, и најчесто живеела од милостиња. Не наоѓајќи доволно задоволства во Александрија, Марија смислила да си го оразноличи својот развратен живот со патување во Ерусалим, заедно со поклониците кои патувале на Воздвижение на животворниот Крст Господов. Во текот на патувањето и по пристигнувањето во Ерусалим, таа до самиот празник продолжила да ги заведува мажите кои пошле на поклоничкото патување, обидувајќи се на секој начин да ги повлече со неа.

Доаѓајќи во Ерусалим на празникот Воздвижение на животворниот Крст, влечена од љубопитноста, Марија заедно со останатите подвижници и побожни христијани, на денот на празникот, пошла во Божјиот храм. Но, доаѓајќи во припратата на храмот таа едноставно не можела да влезе заедно со останатите и да пристапи кон животворниот Крст Господов. Сите останати непречено влегле во внатрешноста на храмот, а Марија, и покрај многуте обиди и напори, едноставно не можела да го премине прагот на светилиштето, невидливо задржувана од Божјата сила. Мислејќи дека неа, како слаба жена, ја истиснува толпата која се турка пред светињата, се обидела некако да се пробие до средината на толпата и така со заеднички напори едноставно да биде внесена во храмот; меѓутоа, повторно, веднаш по допирањето на црковниот праг, некоја чудна сила ја турнало назад. Три - четири пати таа така се обидувала да влезе во храмот, но без успех. Присутните во храмот созерцувале пред воздигнатото животворно дрво; Марија, пак, посрамотена и ожалостена, останала во предворјето на храмот, видно потресена од чувството на срам и каење. Тука ја здогледала иконата на Пресвета Богородица, на која и ѝ се помолила да влезе во Храмот и да се поклони пред Вистинскиот Крст. Следниот обид да влезе во храмот бил успешен, и таа го целивала Пречесниот Крст, со со цврсто убедување и намера дека до гробот ќе живее трезвен живот. На тој начин започнало целосното покајание и преумување; на излегување, таа се помолила пред иконата на Богородица, при што се слушнал глас: ”Ако го преминеш Јордан, ќе ја пронајдеш вистинската утеха".

Напуштајќи го Ерусалим, Марија пристапила кон светите Тајни во храмот на Јован Крстител, во близината на Јордан, и потоа се осамила во Јорданската пустина каде што поминала 48 години, скоро без храна и облека, деноноќно оплакувајќи ги своите гревови. Во 48-та година од осаменичкиот и многу трудољубив живот, за време на светата Четириесетница, во пустината ја сретнал преподобниот Зосим - монах од братството, кој по обичај за време на Великиот пост се оддалечувал од манастирот барајќи во пустината пример на највозвишено монашко самоодрекување и ја пронашол неа, која некогаш била пример на развратност. Само налик човечко тело, целосно суво и изгорено од сонцето, голо и покриено единствено со сребрени конци, се покажала Марија на Зосимовиот поглед. Зосим ја видел за време на молитва издигната над земјата како стои во воздухот и ја видел нејзината прозорливост во зборовите, како и тоа дека двапати одела по реката Јордан како по суво, а добила од Бога и предзнаење за времето на својата смрт. Примајќи го Телото и Крвта на Исуса Христа и соединувајќи се таинствено со Него, големата подвижничка го замолила Преподобниот да дојде другата година, во истото време и на истото место, но Зосим тогаш ја нашол упокоена, а нејзините чесни мошти ги погребал. Наскоро, веднаш по примањето на причеста од преподобниот, таа се упокоила на 1 април- 530 година.
Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински
Празнување на споменот
 
Софрониј, патријарх ерусалимски, кој живеел во почетокот на VII век, составил опширно житие на преподобната Марија Египетска, кое и денес се чита на богослужението. А светиот преподобен Андреј Критски, нарекуван уште и ерусалимски заради монашките подвизи во Ерусалим, како пратеник на ерусалимскиот патријарх Теодор на Шестиот вселенски собор 691 година, го донел со себе во Константинопол и житието на преподобна Марија, заедно со својот канон, познат под името Велик канон. Од тогаш до сега, Православната Соборна Црква, го чита тој канон, а востановила житието на Преподобната да се чита во четвртокот од петтата недела во Четириесетницата, а во воскресниот ден од таа недела се слави споменот во чест на Преподобната, отсликувајќи во неа образ на вистинско покајание! Заради бдението, Црквата во четвртокот служи Литургија на Претходно осветени Дарови и го олеснува постот.
Беседа во Неделата на Света Марија Египетска

Агницата Христова и ќерка, со песни да ја прославиме сега, Марија вечно споменуваната, која се покажа како египетска овца, и сета нивна прелест ја избегна, и како единствен совршен цвет на Црквата се принесе, со воздржување и молитва над мерата на човечката природа. Затоа единствениот Седржител ги возвиси и животот и делата на Марија преславната.


Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
 

Драги браќа и сестри!

Нашите прародители беа создадени и поставени во рајската градина да господарат со неа, и со сè она што беше од Бога создадено. Но, поради нивната непослушност кон својот Создател, ја изгубија таа благодатна состојба и беа истерани од Едемот. Покрај тоа што беа истерани, тие платија за нивниот грев со смрт, бидејќи „плата за гревот е смртта" (Рим. 6, 23).

Бог, на најразлични начини се обидуваше во долгата историја, да го врати човечкиот род на правиот, вистинскиот пат. На патот за којшто беа создадени нашите прародители. Поради тоа им испраќаше праведници, пророци, учители и цареви, коишто со нивните зборови, поуки и живот, укажуваа на погрешните патишта и бараа човештвото да го отфрли гревот. Бараа да се врати на вистинските вредности, но, за жал, човечкиот род се повеќе тонеше во беззаконија и се оддалечуваше од Божјата правда и од Самиот Бог. Во еден временски период гревот толку многу се намножи, што Бог испрати потоп и го уништи најголемиот дел од човечкиот род. Човечкиот род, пак, го продолжи и го сочува преку праведниот Ное, којшто беше зачуван преку прочуениот Ноев ковчег. Во Новиот Завет, овој Ноев ковчег ја симболизира Христовата црква. Ковчег кој нè носи по разбрануваното житејно море. 

Кога се исполни времето, и кога никакви поинакви средства не помагаа да се спаси човечкиот род, Бог Го испрати Својот Единороден Син, Господ Исус Христос. Оној, Кој прими тело преку св. Дева Марија, и беше сличен на нас луѓето во сè, освен во гревот. Он, поживеа во овој свет, учеше, проповедаше, правеше безброј чуда и на крај се жртвуваше и Себеси. Беше распнат на Голгота и го искупи целиот човечки род од вечната смрт. Он, со Својата пречиста Крв и со Своето пречисто Тело, даде откуп за севкупниот човечки род.  

Господ Христос, ја основа Својата света Црква и во неа востанови свети тајни и молитвословија, кои, пак, им се даваат на христијаните за спасение и за вечен живот. И покрај тоа што Господ Исус Христос, направи сè што е неопходно за нашето спасение, ние, луѓето, не се спасуваме по автоматизам, со самото тоа што сме крстени и што се нарекуваме православни христијани. Бог од нас бара активност, труд, искажување на нашата слободна волја, и да покажеме дека навистина сакаме и се трудиме да бидеме спасени. Бог повторно ја отвори рајската градина. Па сите што веруваат и живеат според законот Божји, да си ја вратат првобитната состојба. Односно, состојбата којашто ја имале нашите прародители пред падот. Но, Бог не ги отстрани чуварите, односно ангелите коишто ги постави на рајските порти, и коишто постојано стражарат и пазат, недостојни и неправедни души да не можат да влезат во Едемската градина.  

Наоѓајќи се во последната недела од Великиот пост, светата Црква, како грижлива мајка којашто се труди да ги изведе на вистинскиот пат своите чеда, ни изнесува примери кои можат да ни послужат за исправување на нашиот живот. Господ е Многумилостив и Човекољубив. Он е милостив Татко Кој е подготвен во секое време, Своите чеда да ги прегрне, да им прости и да ги награди како најсакани Свои рожби, бидејќи „Бог е љубов" (1. Јован 4, 8). Но, Бог, исто така ја почитува и нашата слободна волја. Затоа, Он никого, по автоматизам, ниту осудува ниту, пак, спасува. Секој еден од нас е кројач на својата судбина. Нема грев и престап, злочин и какво било друго прегрешение, коешто човекот може да го направи а Бог не може и нема да го прости. Но, само доколку за истите, човек искрено и вистински се кае и бара прошка за тоа што го сторил. 

Историјата на светата Православна црква изобилува со многу примери, особено во житијата на светиите, како големи грешници се покајале, биле помилувани, спасени и прославени. И оваа недела, која е посветена на св. Марија Египетска, нè поучува и нè охрабрува, нас, луѓе од крв и месо, коишто сме сите грешници, да се угледаме на неа. Да се угледаме на нејзината храброст и одлучност да ги отфрли сите сласти на овој свет, со коишто долго време се задоволувала. Знаеме дека таа била блудница, но, откако Го засакала Христа и светата Црква, поминала 40 години во пост и молитва во Јорданската пустина. И уште додека била жива во овој свет, била облагодатена со Божјата сила, и едноставно не одела на земјата туку лебдела над жешкиот песок. Измиена од секој грев, ја предала својата душа на Бога, а нејзиното тело, пак, е најдено после една година, нераспаднато во Јорданската пустина.

Преку овој пример, нашата св. Црква, нè повикува да го исползуваме овој временски период за покајание, пост и молитва. Да ги отсечеме сите наши слабости, страсти, гревови и престапи. Да ги засакаме правдата, милосрдието, љубовта и да правиме добри дела. Па така, и ние да се очистиме од сите наши престапи и достоинствено да се соединиме со Господа Бога во светата Евхаристија. А таа, пак, нека ни послужи за наше спасение и вечен живот, сега и во сета вечност. Амин!

Митрополит ТИМОТЕЈ

Недела на преподобна Марија Египетска
 

Денес си споменуваме на света Марија Египетска, светијата од која можеме да се научиме на многу нешта кои нам ни се нужни. Таа најнапред била грешница чија гревовност ја знаеле сите, жена која претставувала предмет на искушение и соблазна за сите. Како станала грешница не знаеме. Дали злото суштествувало во неа самата? Или, пак, била соблазнена, подвргната на насилие? Како станала блудница нема никогаш да дознаеме. Но едно знаеме сигурно. Имено: знаеме за тоа како еден ден пришла во храмот посветен на Божјата Мајка, посветен на онаа која е образец на совршен морален интегритет и целомудрие, и во истиот момент почувствувале дека не може да влезе во него. Не треба да си замислуваме дека некаква надворешна сила не и дозволувала да го престапи прагот. Не! Таа сила веројатно била во неа самата! И тогаш почувствувала дека областа пред неа е премногу света, дека личноста на Мајката Божја е премногу света за да смее да влезе во Нејзино присуство, за да може да стои внатре во храмот посветен на Пресветата Дева. Но, тоа било сосема доволно за да осознае дека целото нејзино минато е темно и дека од него може да излезе само на еден начин: фрлајќи го од себе целото зло и започнувајќи нов живот. И тогаш не пошла да бара совет, не пошла на исповед, туку заминала од градот во пустината, во врелата пустина, каде немало ништо, ами саде песок и глад и очајна осаменост. 

Таа може да нѐ научи на нешто многу важно. Свети Серафим Саровски на оние кои оделе при него повеќе пати им говорел дека целата разлика помеѓу грешникот кој погибнува и грешникот кој го пронаоѓа својот пат кон спасението се состои во едно: решителност. Божјата благодат е секогаш со нас, но ние не ѝ се одзиваме секогаш, како што се одзвала Марија; како што се одзвала на ужасот кој ја опфатил кога се осознала себеси и заедно со тоа ја осознала светоста, убавината, интегритетот и целомудрието на Мајката Божја, и затоа станала спремна на сѐ, на сѐ за да го промани својот живот. И така година за година, во пост, во молитва, посреде жестоката жештина, во целосна осаменост на сред пустина, се борела против целото зло кое се наталожило во нејзината душа. Затоа што не е доволно единствено да го дознаеме злото; не е доволно дури ниту да го отфрлиме преку силата на волјата: злото е тука, во нашите спомени, во нашите страсти, во нашата крепкост, во штетата која тоа ја носи со себе. Света Марија Египетска се борела во текот на целиот свој живот и на крајот победила. Навистина се подвизувала со добар подвиг, се очистила од прлавштините, и се удостоила да влезе во Божјата област: не во храм, не просто „некаде“ – ами во вечноста.
Таа може да нѐ научи на многу нешта. Може да нѐ научи на она што кога-тогаш мораме да го осознамеме: царствената област, во која влегуваме со толкава леснотија – Црквата, па впрочем и целиот свет кој е создаден од Бога, останал чист од злото, макар што му се покорил, макар што заради нас станал роб на злото. Ако некогаш го осознаеме тоа и почувствуваме дека таму за нас нема место, и како реакција на тоа чувство се покаеме, односно во ужас се отргнемее од самите себе, се одвратиме од себе со непоколеблива решителност – тогаш и ние би можеле да го следиме нејзиниот пример. Тој пример на нејзиниот животен, на нејзината личност, пат нам ни се предлага како завршен момент на постното време, на таа пролет на животот. Пред една седмица го слушавме учењето, односно призивот на свети Јован Лествичник, кој составил цела лествица (цело скалило) на совршенството, а со помош на која можеме да му преодолееме на злото и да пријдеме кон правдата. А денес го гледаме примерот на онаа која од најголемите длабочини на злото се искачила на висината на светоста и која со зборовите на великиот канон на Андреј Критски ни вели: Душо, Бог може да го обели и очисти прокажаното, не очајувај, макар и да си прокажана... 

Примерот на света Марија Египетска нека биде за нас ново вдахновение, нова радост, но и нов предизвик, нов призив, оти залудно им воспејуваме пофалба на светиите, ако во ништо не се учиме од нив, ако не се стремиме да ги подражаваме. Амин.

Митрополит Сурожски Антониј Блум
Икона на надежта
 
Гледајќи ја иконата на св. Марија Египетска, можеме да забележиме траги од нејзината поранешна убавина. Бидејќи не сум ниту зограф, ниту пак ученик по иконопис, не сум сигурен колку е ова точно и, претпоставувајќи дека сум во право, не знам колку често може да се сретнат одблесоци од поранешните животи на светите во нивните икони. Размислувајќи за сето ова малку подлабоко, се прашувам да не случајно имам извртена перспектива на случајот.

Можеби не се забележуваат трагите од претходната убавина на Марија, убавина која ѝ овозможила да биде позната и успешна проститутка. Што ако нејзината поранешна, телесна убавина сама по себе е потсетник за нејзината првична убавина и икона на нејзината есхатолошка убавина?

Дозволете ми да објаснам. Во евлогитарионот [Ευλογητάρια, ангелскиј собор] на погребната служба, пееме во име на упокоените, и самите себе: Од дамнини ме создаде ни од што и со Твојот божествен лик ме удостои, но јас ги прекршив Твоите заповеди, и ти во земјата од која бев земен ме врати; подари ми го Твојот лик, мојата дамнешна личота.
Молитвите кои ги принесува Црквата во име на упокоениот побаруваат од нас да согледаме две нешта истовремено. Гледаме назад, кон Адама, во неговата [и наша] древна или првична убавина. За Отците на Црквата, да се биде човек, значи да се биде облечен во божествена светлина; да се биде човек, значи да се свети со огнот на божествената слава, како Христос на Тавор.

Поради неговиот грев, Адам ја изгубил оваа убавина, но не само за себе, туку и за сите нас. Сите ние сме лишени од древната и првична убавина. Секој од нас, на овој или оној начин, е обезличен од гревот.

Но истовремено, иако обезличени, ние не сме ја изгубиле таа древна и првична убавина неповратно. Повторно преку јазикот на Отците, и покрај тоа што сме го изгубиле подобието Божјо, ние сепак сме создадени според Неговиот лик. Така, и покрај тоа што не сум повеќе облечен во божествена слава, сепак во мене останало нешто од Бога, постои едно сеќавање, трага која се задржала од поранешната убавина. Психолошки гледано, кога јас, или другите, наѕирам во она што сум го изгубил, чувствувам срам. Овој срам за мене е постојан извор на болка, секогаш одново ја проживувам фрустрацијата од бивањето нешто помало од тоа што [вистински] сум.

Повеќето од оние кои се впуштиле во сексуална трговија – повеќето од оние кои, слично на Преподобната, заработуваат за живот разменувајќи сексуални услуги за пари, дрога, алкохол, место за преспивање, па дури и добар збор, – истото го прават затоа што им била нанесена длабока рана во детството. Зарем чудно би било кога, како и со многу други сексуални работнички, Марија и самата била жртва на една таква рана? Зарем е толку тешко да се поверува дека некој ја искористил нејзината ранливост, нејзината слабост, против неа, и на тој начин го смешал Адамовиот срам во неа?

Токму нејзиното искуство со длабочината на човековиот срам е она што ја прави Преподобната толку добар пример за нас, како што се приближуваме не само кон крајот на Великиот Пост, туку и кон почетокот на Страстната Седмица. Сите ние Му приоѓаме на Христа носејќи го во себе незамисливиот товар на срамот. И секој еден од нас го притајува овој срам не само од другите, но и од себе. Да бидам искрен, бивајќи исплашен од моите гревови, јас не можам да го поднесам споменот – остатокот – од мојата древна и првична убавина.
Како што реков, на иконата на св. Марија Египетска можеме да забележиме траги од нејзината претходна убавина. Но тоа е убавината која постоела под нејзината грешност. Во иконата ни се наѕира убавината која, во нејзиниот претходен живот не можела да ја поднесе, што придонело до тоа таа да започне да се проституира.

Оваа изгубена, древна и првична убавина, сепак, не е целата приказна ниту за Марија, ниту пак за нас. Исто како што не гледаме на Христа само според Адама, туку на Адама според Христа, на ист начин не можеме да ја согледаме нашата претходна убавина просто гледајќи наназад кон Адама. Мораме да се гледаме и самите себеси гледајќи напред, кон Христа.

Убавината со која Адам бил даруван во Градината била само предвкус, ветување за убавината која можел да ја добие во животот кој доаѓал. Дури и во гревот, трагите на таа древна и првична убавина остануваат, затоа што таа е првото и основно ветување за она што ќе дојде. Кога јас не сум внимателен, а искрено, дури и кога сум внимателен, го губам од вид ова ветување за мојот живот, а со тоа и животот на ближниот. Мислам дека токму оваа заедничка заборавеност е извор на речиси сите човечки страдања. А оваа првична убавина и ветувањето кое ми го носи ги заборавам поради постојаното искушение на срамот кое ме тера да се повлечам во себеси; срамот ме принудува да ги затворам очите, дури и да му го свртам грбот на мојот ближен кој во неговото страдање, пред мене го објавува и обзнанува и моето страдање.

Философот Габриел Марсел [20 век] вели дека надежта се разликува од оптимизмот. Оптимистот гледа на животните потешкотии и си замислува дека е изземен од сето тоа затоа што – од било која причина – тој е посебен. Оптимизмот е нарцистичен и себе-возвеличен, и преку него му нанесувам штета на ближниот. А надежта, како што пишува Марцел, „се создава преку едно ние и за едно ние. Во искушение сум да речам дека во основа, надежта е хорска [односно, создадена за заедница на луѓе]“.
Да се вратам на она што го реков на почетокот. Во иконата на преподобна Марија Египетска може да забележиме траги од нејзината поранешна убавина. Но не онаа убавина што светот ја величи, туку нејзината древна и почетна убавина. И не само тоа. Во нејзината икона има и блесок на една трајна убавина, убавината на надежта.
 
Во Христа,
Отец Григориј Џенсен [авторот е доктор по психологија и православен свештеник]
 
Очекувајте нѐ повторно наскоро!

Христос посреде нас!
 
Австралиско – Cиднејска Православна Епархија
Copyright © 2017 Macedonian Orthodox Church - Diocese of Australia-Sydney, All rights reserved.

Заштитени авторски права © Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија 2017 година. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, без претходна писмена согласност.

Our mailing address is:
mpc-oa@outlook.com 

Want to change how you receive these emails?
You can update your preferences or unsubscribe from this list
 






This email was sent to ananievski@gmail.com
why did I get this?    unsubscribe from this list    update subscription preferences
Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishopric · 340 Sydenham Road · Sydenham, VICTORIA 3037 · Australia

Email Marketing Powered by Mailchimp