Copy
Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Австралиско-Сиднејска Епархија 
View this email in your browser
Share
Tweet
Forward

„ПРЕОБРАЖЕНИЕ“

Електронски неделен билтен на Австралиско-Сиднејската Епархија при Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

Година I; број 2, 12-ти март 2017 – Недела на Cвети Григориј Палама

Издава:
Епархиски црковно – просветен совет на Австралиско – сиднејската епархија

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот Дебарско – кичевски и
Администратор Австралиско – сиднејски
г. Тимотеј +
 
                                                    Содржина:
 
1 – Поздравно слово – Редакција
2 – Синаксар во Неделата на свети Григориј Палама
3 – Беседа за Неделата на свети Григориј Палама – Mитрополит Тимотеј
4 – Свети Григориј Палама  – игумен Гаврил (Галев)
5 – Тропар на свети Григориј Палама
6 – Поуки за Втората недела од Великиот пост – игумен Гаврил (Галев)
7 – За постот – свети Василиј Велики
8 – Вести и настани: Краток осврт за канонската визитација на дедо Тимотеј – Ананија Ананиевски

Поздравно Слово


 Драги читатели,
 
„Преображение“ претставува електронски неделен билтен на Австралиско-сиднејската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија.

Со благослов на надлежниот епархиски архиереј г. Тимотеј, билтенот ќе излегува електронски и тоа секоја недела од месецот, со што на некој начин ќе се обидеме да се доближиме до верниците и до пошироката јавност како во Австралија и Нов Зеланд, така и во Македонија.

Билтенот ќе содржи разновидна теолошка литература, но и вести и најнови случувања од Австралиско – сиднејската епархија. Со надеваме дека неделните духовни содржини ќе бидат за духовна полза на секој верник и читател.
 
Со почит,
Редакцијата на „Преображение“

Синаксар во Неделата на Св. Григориј Палама

Големиот и светол проповедник на Светлината, Изворот на светлината сега навистина го води кон незаодната Светлина. Овој син на божествената и незаодна светлина, навистина вистински Божји човек и чудесен слуга и служител на божествените (тајни), потекнуваше од Азија, од пресветли и славни родители кои се трудеа да го украсат своето дете со наука и добродетели, не само надворешниот и сетилен човек, туку уште повеќе внатрешниот, оној што не се гледа. Бидејќи го загуби својот татко уште на најрана возраст, неговата мајка, и него и неговите браќа и сестри, ги хранеше и упатуваше во законот Божји и во свештените писанија, а ги испраќаше и при учители да ја учат и надворешната мудрост. Со живоста на неговата природа тој ја помеша и ревноста кон учењето, за кусо време ја придоби рационалната мудрост така што, кога имаше дваесет години, бидејќи земните работи ги сметаше за полажливи од сонот, тој се потруди да се искачи кон причината и изворот на секоја мудрост, односно кон Бога, и целосно да Му се посвети преку еден посовршен живот. Затоа тој ѝ ја откри на мајка си својата набожна намера и големата љубов кон Својот Бог и разгорената желба за Бога. Тој открил дека и таа веќе подолго време ги има истите чувства и дека се радувала на тоа од истите причини како него. Веднаш потоа мајката ги собра своите деца околу себе, радосно велејќи: „Еве ме мене и децата мои што ми ги даде Бог”. Таа ги испита нивните мисли што се однесува на доброто и им ја откри намерата на големиот Григориј. А тој, откако им упати поучни зборови, успеа, за помалку време отколку што е потребно, да ги убеди и да поттикне и кај нив слична љубов како неговата да го следат во неговото бегство од животот во светов. Тогаш тој го раздели своето богатство на бедните, според Евангелието, доброволно се одрече од царските привилегии и почести, за да Го следи Христа. Својата мајка и сестри ги смести во еден женски манастир, а браќата ги зеде со себе и отиде на Гората Атонска. Меѓутоа, на браќата им советува да одат во различни манастири, бидејќи не беше можно да живеат достоен живот за Бога останувајќи заедно едни со други. Самиот тој се покори на еден чудесен човек, по име Никодим, кој живееше во безмолвие предавајќи Му се на единствениот Бог. Кај него се научи на секоја заповед, на секоја добродетел, на смирение на душата. По неговото заминување при Господа, откако во текот на едно тајно откровение се увери во застапништвото на Сечистата Богородица и во нејзината непобедлива помош, тој помина неколку години во Големата Лавра.

Потоа, со зголемена ревност и со еден позрел дух, од љубов кон безмолвието, тој замина од Лаврата и се повлече во осамеништво. Зголемувајќи ја својата љубов и сакајќи да биде секогаш со Бога, тој се предаде на најстроги подвизи. Воздржувајќи ги целосно своите чувства преку истрајна молитва, откако својот ум го издигна кон Бога, се посвети на непрестајна молитва и на божествени созерцанија, и уредувајќи го својот живот на најдобар начин, со Божја помош ги победи демонските напади; со сеноќни стоења и со реки од солзи, стана избран сад на даровите на Духот Божји и имаше чести боговиденија. И, чудна работа, дури и кога премина во Солун поради отоманските напади, и кога отиде во скитот во Верија и, по потреба да посетува еден или друг град, понекогаш и со некој граѓанин разговараше, дури ни тогаш не ја напушти точноста со која тој го водеше начинот на својот живот. Откако тој за малку години ги очисти совршено и телото и душата, на повик Божји тој ја прими големата благодат на свештенството, и како нетелесен или, така да се рече, како да беше надвор од себе, тој ги служеше божествените тајни, гледајќи само да ги допре душите на оние што го гледаа. Тој беше навистина голем, и секој што живееше според Бога во него препознаваше носител на Духот. Дури и на оние што гледаа надворешно, тој им изгледаше како да има моќ против демоните, способен да ги избави оние што беа подложени на нивните стапици и лукавства, да родат плодови дрвја неродни, да предвиди иднина, а беше украсен и со други дарови и плодови на Божествениот Дух. Бидејќи, ако практикувањето на добродетелите е во наша власт, не ни е туѓо ни паѓањето во искушенија; без нив нема ни усовршување, ниту покажување на верата во Бога (бидејќи само желбата и практиката на доброто го прават човекот совршен, кој живее по Бога).

Дека овој голем светител среќавал чести и бројни искушенија, треба да прифатиме, и на тој начин ни се покажува навистина совршен. А оние работи, кој ум може да ги сфати, кој збор може да ги изрази овие дотогаш нечуени сплетки ковани од лутиот непријател, поткажувањата и клеветите на новите непријатели на Бога против него, борбите што мораше да ги води за вистинската вера во текот на дваесет и трите години, кога тој од страна на неговите непријатели претрпе најразлични маки и неволи? Бидејќи италијанскиот ѕвер, калабриецот Варлаам, кој се потпираше на надворешната (земна) мудрост и, во суетата на своите сопствени помисли, мислејќи дека знае сè, започна една ужасна кавга против Црквата Христова и против нашата благочестива вера и против оние што цврсто се придржуваа за неа. Тој безумно тврдеше дека општата благодат на Отецот и Синот и Светиот Дух и светлината на идниот век, онаа во која праведниците ќе светат како сонце и којашто и Христос однапред ја покажа кога засветли на Гората (Тавор), најпосле и сите сили и енергии на Триипостасното божество, и сè она што на некој начин се разликува од суштината Божја, се создадена твар. Што се однесува, пак, до оние кои, сообразно со вистинската вера, оваа божествена светлина ја сметаат за несоздадена, како и секоја сила и енергија која излегува од Бога, со помошта на долги говори и расправи, сметајќи дека ова не припаѓа на ниту едно ново природно својство на Бога, тој ги именуваше двобошци и многубошци, како што тоа го правеа, кога зборуваа за нас, Евреите, како и Савелиј и Ариј.

Поради ова, божествениот Григориј, како пресветол застапник и поборник за верата, и како оној што пред сите се бореше за неа во првиот ред, беше наклеветен и, испратен од Црквата, тој пристигна во Константиновиот град. Тогаш набожниот цар Андроник IV Палеолог, како заштитник на верата, свика свештен собор. На него беше присутен и Варлаам кој ги изложи своите заблудени мислења и обвинувања против приврзаниците на православието. Но великиот Григориј, исполнет со Дух Свети и облечен во непобедливата сила одозгора, ја затвори оваа против Бога отворена уста и докрај го посрами и, со боговдахновени зборови и списи, во прав ги претвори трњето на неговите ереси. Не можејќи да го поднесе поразот, овој противник на набожноста побегна кај Латините, откаде што и дојде. Веднаш потоа, на соборот, Григориј го изобличи и оној што се именуваше „Поликиндин”, што значи: „оној што претставува мноштво опасности” (игра на зборови за Акиндин, чие име значи „без опасности”) и неговите списи ги мина како низ сито со своите побивачки говори. Но оние што беа заразени од таа болест, не престанаа така лесно да се борат против Црквата Христова. Соборот, а и самиот цар, им се спротивставија со голема сила. Григориј, потврден со Божја волја пред сите, се искачи на архиепископскиот престол и стана пастир на светата Црква во Солун. За православната вера, храбро и трпеливо, тој поднесе уште побројни подвизи од претходните. Бидејќи лукавите наследници на Акиндин и Варлаам, кои колку што беа бројни толку се покажаа и неподносливи, нивните постапки како на диви ѕверови, нивните мислења и нивните списи, и тоа не само еднаш или двапати или трипати, туку и многу пати, не само за времето на еден цар или патријарх, туку и за времето на три последователни скиптри, и исто толку патријарси, и во текот на собори кои е тешко да се набројат, со помошта на говори и боговдахновени списи, тој им се спротивстави на многу начини и, најпосле, ги победи. Некои останаа непоправливи, не сметајќи го за ништо горниот суд, и така продолжија. Сè уште има остатоци од ереси кои бесрамно се креваат против светите што ги победија, да не зборувам и за дрскиот род јудејски кој и до сега има непријателство против Христа.

Ете, накратко, вакви се и толку се бројни победите на великиот Григориј против нечестивите. Бог, на неискажливи начини, го испраќа за учител и на исток: како старешина, го испраќа од Солун во Константиновиот град да ги смири разните цареви. Земан е и од Агарените и држен цела година, страдалнички одејќи од место во место и од град во град и смело проповедајќи го Хрисовото Евангелие: едни утврдувајќи ги и советувајќи ги, згора и молејќи ги да останат во верата оние што се колебаа, и кои имаа некои недоразбирања и барања во врска со она што им беше предлагано, богомудро утврдувајќи ги, а на некои им даваше и исцеленија. Не пропушташе многупати да зборува и на други неверни, како и на покајани христијани кои отпаднале и пристапиле кон другите и со себе ги влечеле и нашите за промислата Божја во врска со воплотувањето на Господа нашиот Бог и за почитувањето на чесниот крст и на светите икони. Зборуваше и за Мухамеда и за многу од нив предложени барања, при што, едни му се восхитуваа, а други покажуваа непријателство и креваа раце против него, дури и маченички ќе завршеше ако по Божја промисла не беше поштеден. Така великиот (Григориј) беше ослободен од христољубивите и бескрвниот маченик пак се врати при своето стадо. Покрај другите бројни и големи дарови и првенства што ги имаше, тој се украси и со раните Христови и, по примерот на Павле, беше многупати во немаштија. Да покажеме и некои од неговите особини: на прво место кроткоста и смирението (но не кога станува збор за Бога и за Божјата наука, бидејќи за нив беше и поборник), незлобивост и непомнење зло, ревност во правењето добро според силите, трпеливост и великодушност во однос на неволјите што наидуваа, воздржување од телесни сласти и лажна слава, помагање на бедните; имаше до крај благодатно трпение и безмолвие, страдалнички борејќи се против страстите и демоните. Така и еретиците ги изгони далеку од Црквата Христова, и православната вера со зборови и списанија ја разјасни и со нив, како со печат, сето Божествено писмо го запечати, живеејќи по примерот на многу светии.

Откако своето стадо апостолски и богоугодно го водеше тринаесет години, и со своите поуки нивните нарави ги подобри, кон небесните огради се упати, и стана, така да се рече, општ добротвор на сите православни, живи и идни, тој премина кон другиот живот, откако поживеа сè на сè шеесет и три години. Својот дух го предаде во рацете на Бога, а своето тело – го остави на своето стадо просветлено и прославено, како света реликвија, сочувано во Солун, за да светли таму и да биде прославено како скапоцена ризница и наследство, бидејќи Христос, преку чудеса, на верните кои секојдневно приоѓаат, им дава исцеленија од секоја болест. За тоа историјата не малку ни раскажува.

Преку неговите молитви, Боже, смилувај се и на нас. Амин.
Беседа за Неделата на Св. Григориј Палама


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Драги браќа и сестри!

Човекот е создаден да Го слави и да Го прославува својот Создател, односно Бога. Но, поради престапот на нашите прародители, ја изгубил таа благодатна состојба и е истеран од рајот. На човекот наложено му е со пот и со мака да го заработува својот леб. Но, милостивиот Бог се смилува и повторно му даде можност на човечкиот род да си ја поврати првобитната благодатна состојба, состојба која ќе ја здобие преку прославувањето и величањето на својот Создател. За тоа се потребни труд, пост, молитва и подвизи. А како најдобар период, токму за овие подвизи, е Големиот, односно Велигденскиот пост.

И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да го започне извршувањето на искупителното дело, се повлекол 40 дена во пустината во пост и молитва. Најпрво го победил искушувачот, кој се обидувал на најразлични начини да Го прелаже и да Го натера да отстапи од извршување на искупителното дело. Како што знаеме од светото Евангелие, искушувајќи Го Господа Христа, демонот:    „... Го одведе на една висока планина и Му ги покажа за миг сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: ’Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако Ти ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое‘. Но Исус му одговори и рече: ’Бегај од Мене, сатано, зашто напишано е: На Господа, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘ “ (Лука 4, 5 – 8).

Наоѓајќи се во постот на светата Четириесетница, треба да нагласиме дека светата Црква најмногу внимание посветува на спасението на човековата душа. Самиот Господ Исус Христос доаѓа во овој свет, прима човечко тело, живее со нас, јаде и пие, лекува, а на крај и пострадува. Преку тоа, нè учи дека ние, како христијани, сме должни да го негуваме и телото и неговите потреби. Но, во никој случај да не даваме предност на телото пред душата. Човекот е создаден како психосоматско битие, па затоа човекот е должен да се грижи и за двете, и за душата и за телото. За да го постигнеме спасението, потребни ни се и облеки, и храна, и пиење, и куќа и многу други нешта, но, вечното спасение е попотребно и без него сето останато е ништо. Оној којшто има спасение, тој има сè. А кој нема спасение, тој нема ништо. „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?“ (Мат. 16, 26).

Пример, којшто нè поучува, а и нè повикува кон оваа цел, како Христови верници и следбеници, е и св. Григориј Палама, на кого светата Црква му ја посветува оваа Втора недела од Великиот пост.

Овој Божји угодник е роден во Цариград и потекнува од високо благородничко семејство. Неговиот татко, на крајот на 13 и почеток на 14 век, бил сенатор и влијателен човек на византискиот двор. Св. Григориј ги изучил сите можни високи школи од тоа време. Уште од својата младост не го привлекувала световната служба и слава на византискиот двор, каде што сите, по некој природен тек, го очекувале. Откако ги завршил овие високи школи, се повлекол на Св. Гора, каде што со пост, молитва и во молчание се подвизувал и ја очистувал својата душа. Растејќи на духовен план, тој  постанал општо познат, како голем мислител и молитвеник.

Во тоа време ќе се појави едно погрешно еретичко учење, кое ќе го проповеда и ќе го учи еден калабриски монах Варлаам. Тој учел погрешно, дека не постои нетварна светлина, туку дека тоа е повеќе некоја си халуцинација на одредени луѓе. Луѓе кои не се доволно просветени и на кои такво нешто им се причинува. Тогаш, св. Григориј Палама, и покрај тоа што бил на Св. Гора, се јавува со своето учење и со своите пишани трудови, каде што го побива ова погрешно еретичко учење, проповедано од Варлаам и од други. Некои, пак, од оние што погрешно учеле, биле и учители на св. Григориј.

Св. Григориј експлицитно објаснува дека постои и може да се доживее нетварната светлина, истата онаа  којашто ја виделе апостолите Петар, Јаков и Јован, за време на Христовото Преображение. Но, за да се доживее и истата да се види, возможно им е само на луѓе кои се длабоко проникнати во мистиката и во созерцанието на Бога. Луѓе кои се со очистени срца и души, и телесно и душевно. Само тие ќе можат да ја доживеат и да ја видат таа нетварна светлина. Не можат да ја видат оние коишто сакаат само на интелектуален начин да ја доживеат. Не се духовно просветлени, очистени и облагодетени, а сакаат без подвиг, пост и молитва да ја доживеат и видат. За таквите ова е недостапна светлина, како што е недостапна и за нас, коишто сме оптоварени со земни страсти и кои сме духовно непросветлени и неосветлени.

Наоѓајќи се и ние во време на овој Велигденски пост, да се поучиме од животот, од подвизите и од делата на овој голем свет учител на светата православна Црква, од предводникот и од учителот на исихазмот, односно на тихувањето. Та и ние преку пост, молитва и созерцание за духовните нешта, да се обидеме да ги очистиме нашите срца и души од секакви овоземни нешта, кои нè привлекуваат кон минливи и времени вредности. Да ги насочиме нашиот ум, нашата мисла и нашите дела кон повозвишени цели. Да ги насочиме кон светост, кон правда, кон љубов и кон правење на добри дела.

Па да можеме и ние да се доближиме до таа нетварна светлина и така да спечалиме вечен и блажен живот за нашите души сега и во сета вечност.

По молитвите на св. Григориј Палама, Бог нека ги услиша нашите молитви, така нека биде. Амин!

Митрополит Тимотеј

Свети Григориј Палама


Свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски е роден во 1296-тата година во Константинопол. Неговиот татко бил виден големец во дворот на Андроник II Палеолог (1282-1328), но откако тој умира, императорот лично превзема дел од одговорноста за воспитувањето и школувањето на сирачето Григориј. Обдарен со исклучителна способност за учење, Григориј ги совладува многу брзо сите теми од кои била составена високата средновековна едукација. Надежите на императорот биле дека младичот ќе се посвети на владините работи. Но младиот Григориј, едвај дваесетина години стар, во 1316-та година заминува за Света Гора и станува подстрижник во манастирот Ватопед, под духовно водство на старецот Св. Никодим Ватопедски. Григориј тука го започнува својот аскетски пат. Една година подоцна, во визија му се јавува Св. Јован Богослов и му ја ветува неговата духовна заштита. Мајката на Григориј и неговите сестри, исто така се повлекуваат во манастир.

По упокојувањето на старецот Никодим, Св. Григориј поминува осум години на духовни перипетии под водство на старецот Никифор,  а после неговата смрт, Григориј се префрлува во Лаврата на Св. Атанасиј.  Тука тој служи во манастирската трпезарија а потоа станува и црковен пејач. По три години, посакувајќи повисок степен на духовен напредок, Григориј се преместува во скитот Глосиа. Главешината на манастирот почнува да го упатува во тајните на непрестајната молитва и менталната контрола, методи кои биле развивани од монасите, почнувајќи од големите пустиници-аскети од четвртиот век: Евагриј Понтиски и Св. Макариј Египетски.

Подоцна, во 11-тиот век, Св Симеон Нов Богослов, дал детални инструкции за психичките активности на оние кои се молат на глас, метод кои бил применет од аскетите од Атос. Умешното практикување на внатрешната молитва (молитвата на срцето), која бара повлеченост и мир е наречено исихазам (од грчкото „исихија“ што значи мир, тишина) а тие кои ја практикуваат се нарекувале исихасти.

За време на неговиот престој во скитот Глосиа, идниот ерарх Григориј, во потполност е пронижен со духот на исихазмот кој го прифаќа како нераздвоен дел од својот живот.

Во 1326-тата година, заради зголеменета опасност од Турска инвазија, тој со своите собраќа се повелкува во Солун, каде што е ракоположен за светштеник.

Св. Григориј ги спојува своите свештенички должности со животот на хермит. Пет дена во неделата ги минува во тишина и молитва, а само во саботите и Неделите тој доаѓа во контакт со луѓе. Тие два дена проповеда и служи Литургија. Присутните во црквата, за време на неговите проповеди секогаш биле доведувани во состојба на плач. Понекогаш, Св Григориј присуствувал на теолошките собирања на младината кои биле организирани од идниот Патријарх Исидор. Откако се враќа од Константинопол, во близината на Солун,во областа Береиа, наоѓа место кое му одговарало за да има мир. Набрзо тука се создава мала заедница на монаси, кои тој духовно ја води во наредните пет години.
Во 1330-тите во животот на Источната Црква се случуваат настани кои ќе го постават Св Григориј во улога на еден од најважните апологети на Православието, и ќе му донесат огромна заслуга како на учител на исихазмот.

Околу 1330-тата година, во Константинопол од Калабрија (Италија) пристигнува монахот Варлаам. Тој е автор на теориите за логиката и астрономијата, бил исклучително добар и вешт говорник. Добива место во Универзитетот и започнува да ги обработува делата на Св Дионисиј Аеропагит, чија апофатичка (негативна, спротивно на катафатичка (позитивна) теологија била призната подеднакво како во Источните, така и во Западните Цркви.

Наскоро Варлаам патува во посета на Атос, каде што се запознава со духовниот живот на исихастите. Тврдејќи дека е невозможно да се осознае Божјата суштина, тој ја прогласува внатрешната молитва за еретичка практика. Заминувајќи од Света Гора го посетува и Солун, каде што подоцна повторно се враќа, тој навлегува во расправии со монасите обидувајќи се да ја демонстрира создадената, материјална природа на Светлината од Тавор (како на пример светлината при Преображението Господово).

Ги исмева учењата на монасите за молитвените методи како и за несоздадената светлина која била искусена од исихастите. По барање на Светогорските монаси, Св Григориј најпрво усно одговара на ваквите истапи, но откако ја согледува бесплодноста на ваквите обиди, тој своите теолошки аргументи ги става на хартија. Така настануваат „Тријадите во одбрана на Светите исихасти“ (1338).До 1340-тата година Светогорските аскети со помош на Светителот, создаваат општ одговор на нападите на Варлаам, образложен во таканаречениот „Хагиоритски Том“. На Константинополскиот Собор во 1340-тата година, во Црквата Св Софија, Св. Григориј Палама влегува во дебата со Варлаам, фокусирајќи се на природата на светлината на планината Тавор. На 27 мај 1341 Соборот го прифаќа ставот на Св Григориј Палама, дека Бог недостижен во Неговата Суштина, се открива Самиот преку Неговите енергии, кои се насочени кон светот и е возможно да бидат забележани, како светлината на Тавор, но не се материјални, ниту пак се создадени. Учењата на Варлаам се прогласени за ерес а тој самиот е анатемисан и бега назад во Калабрија.

Сепак, расправиите меѓу Паламитите и Варлаамитите се далеку од завршени. Варлаамитите во своите редови имаат личности како монахот Акиндинос како и Патријархот Јован XIV Калекос (1341-1347), а исто така се смета дека и самиот имепратор Андроник III Палеолог (1328-1341) бил нивни приврзаник.

Акиндинос, чие име значи „оној кој не нанесува штета“, всушност предизвикува огормна штета со неговото еретичко учење. Акинидос пишува серија на трактати во кои го обвинува Св. Григориј и Светогорските монаси за предизвикување црковен неред. Светителот, како одговор пак пишува детални образложувања на грешките на Акиндинос. Патријархот од своја страна, го поддржува Акиндинос и го нарекува Св. Григориј Палама причина за сите немири и нереди во црквата (1344) и го затвара во затвор за период од четири години. Во 1347-та година која Јован XIV  е заменет од патријархот Исидор (1347-1349), Св Григориј е ослободен и востоличен за Архиепископ на Солун.

На соборот во Влахерна во 1351-та година, официјално е признаено Православието на неговото учење. Но Солунјаните не го прифаќаат Св Григориј веднаш и тој е осуден да живее на различни места. На едно од неговите патувања до Константинопол, бродот паѓа во заточеништво на турците. Дури и во заробеништво, Св Григориј им проповеда на затворениците Христијани, па дури и на Турците. Хагарените биле вчудоневидени од мудроста на неговите зборови. Некои од нив не можејќи да го поднесат тоа, го тепале светителот и дури и ќе го убиеле доколку за него не била платена голема сума пари. Една година подоцна светителот е ослободен и се враќа во Солун.

Св. Григориј извршил многу чуда во последните три години од неговиот живот, лечејќи болни.

Ноќта пред да почине, во визија му се јавува Св. Јован Златоуст. Со зборовите „Кон Висините, кон висините!“ Св Григориј Палама се упокојува во Господа на 14 Ноември 1359. Во 1368-та година е прогласен за светител на Константинополскиот Собор под водство на Патријархот Филотеј (1354-1355, 1364-1376), кој воедно ги составува Житието и службата за Светителот.

Тропар на свети Григориј Палама 
Светилнику на Православието,
Тврдино на Црквата и учителу!
Убавино на монасите,
непобедлив поборнику на богословите!
Чудотворче Григорие,
 славо Светогорска,
и проповеднику на благодатта,
моли Го Бога непрестајно
да ги спаси душите наши.

 
Оваа химна посветена на Григориј Палама, Православната Црква ја пее на богослужбите во втората недела на Великиот пост. Посветена е на човекот кој неколку децении пред падот на Византија изврши научна синтеза на исихазмот, тоа старо предание на созерцателното монаштво на Источната Црква.

Исихазмот е монашко движење што потекнува од пустинските Отци. Самиот Палама може да се нарече учител на православната мистика, затоа што неговото дело ги надминува границите на една духовна школа, а по својата најдлабока суштина го обновува животот на христијанската сетајна.

Источното монаштво уште пред Палама, зад себе имало долга историја. Големите учители му оставиле изобилство од пишани дела. Преживеало многу тешкотии и искушенија. Меѓу современиците на Палама монаштвото имало огромен углед, а самиот Палама без резерва го прифатил целокупното негово наследство. Паламиното дело ги нагласило и ги подвлекло трајните доктринарни и духовни елементи на монаштвото, токму во моментот кога духот на ренесансата првпат ја допрел Византија и кога христијанскиот Запад преживувал една од своите најрадикални трансформации. Ако многуте вредности коишто средниот век ги сметал за апсолутни исчезнале без трага, дали и суштината на христијанството требало да исчезне? Дали новопостигнатата автономија на интелектот и на самата природа оставила место во новото општество за духовниот живот кој го дава Христос, а којшто е далеку над сите чисто човечки достигнувања?

Делото на Палама ги разреши овие проблеми. Поради тоа, победата на неговото учење во византискиот 14 век, Православната Црква ја смета не како триумф на некаков посебен облик на мистицизам, туку како победа на самото Православие. Потврдата на Паламиното учење од страна на Црквата порасната од чисто монашка традиција, има вечна и универзална вредност.

- Игумен Гаврил (Галев)

Поуки за Втората недела од Великиот Пост

Втората недела од Великиот пост Црквата ја посветила на светиот Григориј Палама, архиепископот Солунски – покровител на исихастите, на молчаниците, на тихувателите. Тие подвижници се грижеле да ја зачуваат тишината, тихувањето на срцето, а тоа го правеле криејќи се во далечните обители на Света Гора Атонска, отсечени од светот, од една страна од морето, а од друга страна од карпите. Во пештерите каде што живееле тие, мнозина живеат и денес. Но, зошто токму овој светител, зошто токму овој покровител на тихувателите го прославуваме во деновите на Великиот пост? Затоа што токму во овој период е толку важно да сознаеме и да сфатиме колку е големо значењето на молчењето и на тихувањето.
 
Каков е нашиот секојдневен живот? Тој минува во бескрајна врева и е исполнет со неизмерлива суета. Севкупното битисување на современиот човек се одвива во неистрпна врева, во најразлични звуци што го опкружуваат неговото живеење. Човекот, особено оној што живее во град, постојано слуша врева – вреват автомобилите, фабриките, музиката, луѓето… Лекарите велат, преголемата бучава е штетна за здравјето. Но вревата, пред сè, го расејува нашиот духовен мир. Многумина од нас, кога ќе се најдат во тишина почнуваат да се чувствуваат непријатно и неспокојно. Ние, всушност, се одвикнавме од тишината и не можеме во спокој да помолчиме. Ете, целиот тој смут и суета што го опкружуваат нашиот живот, не му даваат на човекот да погледне малку кон себеси, да се присети на она најглавното. И тоа продолжува така сè до крајот на нашиот живот…

Од друга страна, пак, кога болеста ќе нè совлада и ќе нè фрли в постела, ќе се најдеме ослободени од секојдневната трчаница и одеднаш, ни се нуди можност да бидеме малку насамо со себеси. Во такви мигови почнуваме да размислуваме: Зошто ли живееме? Зошто толку брзаме и каде итаме? Од каде таа врева и немир во нашето срце и во нашите мисли? Зарем не ќе беше подобро, наместо немир, да сме побарале за себеси неколку минути внатрешен спокој, внатрешен мир и тишина. И како може да дојде Божествената благодат кон човекот, како може да го осени и осветли кога е тој глув и слеп и кога во своето брзање не си дава отчет, каде и по што брза. Зошто ли не го слуша гласот Божји?
А гласот Божји може да се чуе, тој се слуша, но во тишината на срцето. Ако сакаме да го чуеме, треба да се обидеме да го извлечеме од вревата и бучавата – макар за миг. Црквата ни дала правила за тоа: читање на молитви, правење на метании и служби кои нè водат кон нас самите, нè насочуваат да се погледнеме себеси и да се запрашаме: Каков бил мојот поранешен живот, каков ли ќе биде утрешниот ден? Е, тоа е важно, тоа е многу важно.

Ако сакаме да ја дознаеме волјата Божја, треба да ја побараме тишината. Кој сака да ги скроти своите мисли и чувства, нека ја побара тишината. Живееме во расеаност, а вистинскиот духовен живот произлегува од прибраноста (од кроткоста), од внатрешното воединение. Затоа треба да се соберат мислите и чувствата во тивкиот покој, во длабочините на срцето, за таму да настапи тихувањето, тихување во кое Бог зборува и го кажува своето слово упатено до тебе. Ако не се убедеме да застанеме, да се принудиме себеси на тихување, ако останеме потчинети на секојдневната животна врева, на бесконечното итање, целиот наш живот ќе биде површен, без длабочина, без духовност, без претстоечката средба со Бога.

Ете зошто, во овој период нè потсетуваат на тихувателите, ете зошто Црквата денес ни советува да го оставиме излишното празнословие, озборувањето и претераната злоупотреба на дарбата на јазикот. Ете, затоа ние се молиме, тоа го бараме од Господа, а тој е трпелив и нè чека, чека да почувствуваме и да посакаме да го здобиеме тој дар Божји – дарот на тихувањето, молчење во тишината на неговиот вечен благослов. Амин.

- Игумен Гаврил (Галев)
За постот
 
Постот е древен дар, кој не слабее, не старее, туку постојано се обновува и цути со полна убавина. Постот ја праќа молитвата на небото, како на крилја, тој ја вознесува на својот возвишен пат.

Постот е – напредок на домовите, мајка на здравјето, воспитувач на младоста, украс на старците, добар сопатник на патниците, сигурен сожител на тие што живеат заедно.

Постот ги чува децата, на младите му дава поука, на старецот му дава достоинство. Постот е украс што најмногу  и прилега на жената, узда во цветот на младоста, заштита на сопружништвото, воспитувач на детството.

Постот е многуценет дар од  Бога. Престара установа, која што се сочувала како наследство од нашите татковци и стигнала до нашите денови.

Примете го постот со радост. Примете го, сиромашни својот другар. Примете го, слуги, вашиот одмор. Примете го, богати, постот кој ве спасува од опасноста на прејадувањето и го прави вкусно тоа што од постојана употреба станува безвкусно.

Болни, примете ја мајката на здравјето. Здрави – осигурањето на вашето здравје. Прашајте ги лекарите, и ќе ви речат дека ништо не е толку непостојано и несигурно како здравјето. Затоа совесните луѓе со помош на постот настојуваат да си го сочуваат здравјето и да се ослободат од разурнувачката тежина на згоеноста на телото.

Не тврди дека не можеш даа постиш, како изговор наведувајќи болест или телесна немоќ, зашто, од друга страна, цел живот го мачиш телото со прејадување. Многу добро знам дека лекарите на болните почесто им наложуваат скудна диета и пост, отколку разновидна и обилна храна.

Освен тоа, што е полезно за телото – да помине една ноќ со лесна вечера или да легне в кревет оптоварено со многу јадење ? Може ли така да се одмори или цела ноќ ќе се превртува, претоварено и измачено ? Со кој брод некој капетан може полесно да управува и да го спаси во случај на бура – со оној што е претоварен или со оној што носи нормален товар ? Нема ли претоварениот брод да го потопи и сосема слаба бура ? Така и телата, кога се мачат од многу храна, лесно подлегнуваат на болестите. А кога се хранат лесно, го одржуваат своето добро здравје...

Користа од постот не ја ограничувај само на воздржување од јадење, затоа што вистински пост е оддалечување од зли дела.

- Cвети Василиј Велики
Краток осврт за канонската посета на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј на Австралиско – сиднејската епархија
 
Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно. Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова, како роса Ермонска, која паѓа на горите Сионски, зошто таму Господ дал благослов и живот вечен.
 (Псалм 132)
 
Откако заврши канонската визитација на нашиот надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј низ Австралиско – сиднејската епархија, сега ќе се обидам да направам краток осврт, кој намерно го започнувам со зборовите на Псалмопејачот, кои длабоко и суштински ги опишуваат плодовите кои извираа и извираат од пастирската грижа и внимание, кое високата црковна делегација на чело со Митрополитот ни ги посвети на нас верниот народ во Австралија.

Нашиот неуморлив архиереј г. Тимотеј успеа во текот на својата канонска визитација од 03 до 29 јануари 2017 година во Австралиско – сиднејската епархија да ги посети и да богослужи во скоро сите цркви низ епархијата, да претседателствува со Генералното епархиско собрание, да гостува во радио емисии и да оствари редица работни состаноци со црковните општини и заедници и средби со верниот народ. Така беа посетени црковните општини во следниве пет држави: Јужна Австралија; Викторија; Австралиска Капитална Територија; Нов Јужен Велс и Западна Австралија, а богослужеше во следните храмови: 1 - „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија; 2 - „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн – Викторија; 3 - „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија; 4 - „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс; 5 - „Свети Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс; 6 – „Света Петка“ во Рокдејл – Нов Јужен Велс; 7 – „Свети Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс; 8 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија; 9 – „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија и 10 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија.

Целта на ова мое изложување е да укажам на фактот дека тврдењата во минатите години дека народот во Австралија е во раздор со сопствената Црква се тотална заблуда, која со години и години беше градена и намерно беше претставувана лажна слика, која конечно беше уништена со формирањето на Австралиско – сиднејската епархија и со доаѓањето на Митрополитот г. Тимотеј за надлежен епископ, кој администрира со епархијата. Овој краток осврт го пишувам, бидејќи сум уверен дека ова е погоден момент  да се информираат сите за напредокот на Австралиско – сиднејската епархија и за успехот и големите обиди на Митрополитот г. Тимотеј по скоро 20 години еднаш за секогаш да се стави крај на сите проблеми и раздори кај верниците на македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд и со тоа да изчезнат сите лаги и заблуди, кои кружат во јавноста.

Митрополитот г. Тимотеј со неговата пастирска дејност на Австралискиот континент на сите ни даде до знаење дека верниците не се поделени помеѓу себе, дека нема раздор и никакви причини за раздор помеѓу верниците, но и помеѓу верниците и свештенството и Црквата, дека проблемот не е воопшто ни догматски, ниту литургиски, туку матријалистички. По долги години излезе на виделина дека всушност единствено и постојано раздорот го носат и е кај тие кои сакаат, безусловно и по секоја цена да раководат, манипулираат и профитираат со сосема туѓите црковни имоти, со црковните предмети и со сè друго што е поврзано околу тоа. Дека само токму тие заговараа предходно разни неосновани раздори се виде од посетата и дејноста на Митрополитот г. Тимотеј, кој покажа дека ако вистински се сака својата Мајка Црква – Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ –ОА) можат да се надминат сите проблеми и несогласувања.
Сега ќе позборувам за дејностите на најзаслужната личноста, која во рок од две години, постепено успеа да воведе ред и мир во новоформираната Австралиско – сиднејска епархија. Македонскиот народ одамна ги очекуваше и живееше за овие моменти, кога конечно надминувајќи ги проблемите ќе се соберат околу возљубениот и вистински свој духовен водич и татко, кој ние за наша радост и Божја слава го добивме во личноста на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, нашиот добар пастир, кој си ги знае своите чеда и кој по многу години успеаа растурените чеда Божји да ги собере во едно, во единство и соединение, а тоа може да го направи само оној човек, кој е вистински миротворец и епископ во вистинска смисла на зборот, кој во целост ги сфатил зборовите на старецот: Си се молел на Твојот Отец сите едно да бидеме, како што Си Ти едно со Отецот и Светиот Дух.

И сите ние на Австралискиот континент, навистина му благодариме на Троичниот Бог, што во овие мрачни и тешки времиња на лутања, страдања, разделби, проблеми и несреќи што особено во предходниот период нè измачуваа, еднинствено добро што нам со Божја промисла ни се случило, несомнено чисто и светло, полно со утеха и надеж, што нам нè утврдува во верата дека нас Бог не нè заборавил – е изборот на Митрополитот г. Тимотеј за администратор на Австралиско – сиднејската епархија. Плодовите на неговото пастирствување веќе им се познати и јасни на сите верници во Австралија и пошироко, а она што е најважно е тоа дека успеа постепено, но сигурно да ја врати довербата на народот во МПЦ – ОА. Резултат на тоа беше и зголемениот број на верници по храмовите и црковните општини, кои при посетите можеа да се забележат на неделните и празничните литургии. Потоа враќањето на црковната општина „Свети Ѓеоргиј и Пресвета Богородица“ во Епинг во крилото на Австралиско – сиднејската епархија при МПЦ – ОА  е еден голем чекор и пример, кој треба без страв да го следат сите останати црковни општини, чиј статус нажалост сèуште не е решен. Верувајте дека голема е радоста, која извира од единството и соборната љубов.

Навистина таков архиереј ни беше потребен, пред сè човек со пастирско чувство за реалната духовна состојба, мудар старец и татко со широко татковско срце и љубов, кој успева да ја враќа славата на МПЦ – ОА на Австралискиот континент, а тоа го прави бидејќи ја љуби својата Црква и својот народ и бидејќи како епископ најважен подвиг му е да ја сочува полнотата на Црквата и чистотата на верата. Митрополитот постојано, а особено за време на Генералното епархиско собрание ни покажа дека лидерството во Црквата не е само позиција и титула, туку дека тоа е, пред сè служење, акција и личен пример. Тој е епископот без кого нашите црковни проблеми во Австралија не би биле решени, и човек во чија дипломатско – црковна мудрост и чувство за црковна соборност – од една страна, и во чие чуство за достоинство, пастирска одговорност и црковен идентитет – од друга страна, сите ја полагаме нашата надеж дека за брзо ќе се дојде до потполно надминување на сите досега нерешени проблеми.

На крај би упатил апел до сите верници да се молат со искрена вера во Бога и да се надеваат дека набргу повторно ќе завладее потполно единство на црковните општини, свештенството и верниот народ во една епархија за Австралија и Нов Зеланд, а би завршил со дел од зборовите на старецот Софрониј, кои како молитва ги упатувам на Господа: Научи нè да се молиме еден за друг, тежината еден на друг во трпение да ја носиме и соедини не во соборот на неразрушлива љубов, во едно стадо послушни овци околу возљубениот наш духовен отец, дарувајќи ни во сестрите и браќата наши да го гледаме образот на Твојата неизлаголива слава, и никогаш да не заборавиме дека братот наш е нашиот живот. Да, Господи, Ти Кој не собра по Твоето благоволение од краиштата на земјата, направи да бидеме навистина да бидеме едно семејство што живее со едно срце, со една волја, со една љубов, како еден човек, по предвечната Твоја промисла за првородениот Адам...
Во следниот број ќе читате за:
 
  • Крстопоклоната недела
  • Kонституирањето на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија
  • За крстот
  • Свети Наум Охридски
 
Очекувајте нѐ повторно наскоро!

Христос посреде нас!
 
Австралиско – Cиднејска Православна Епархија
Copyright © 2017 Macedonian Orthodox Church - Diocese of Australia-Sydney, All rights reserved.

Заштитени авторски права © Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија 2017 година. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, без претходна писмена согласност.

Our mailing address is:
mpc-oa@outlook.com 

Want to change how you receive these emails?
You can update your preferences or unsubscribe from this list
 






This email was sent to <<Email Address>>
why did I get this?    unsubscribe from this list    update subscription preferences
Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishopric · 340 Sydenham Road · Sydenham, VICTORIA 3037 · Australia

Email Marketing Powered by Mailchimp