Copy
Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Австралиско-Сиднејска Епархија 
View this email in your browser
Share
Tweet
Forward

„ПРЕОБРАЖЕНИЕ“

Електронски неделен билтен на Австралиско-Сиднејската Епархија при Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

Година I; број 1, 5-ти март 2017 – Недела на Православието

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот Дебарско – кичевски и
Администратор Австралиско – сиднејски
г. Тимотеј +
 
                                                    Содржина:
 
1 – Поздравно слово - Редакција
2 – Беседа за Тодорова Сабота – митрополит г. Тимотеј
3 – Недела на Православието – Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински 
4 – Беседа за Неделата на Православието – митрополит г. Тимотеј
5 – Исповед – игумен Гаврил Галев
6 – Репортажа од канонската посета на дедо Тимотеј – Ананија Ананиевски

Поздравно Слово


 Драги читатели,
 
„Преображение“ претставува електронски неделен билтен на Австралиско-сиднејската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија.

Со благослов на надлежниот епархиски архиереј г. Тимотеј, билтенот ќе излегува електронски и тоа секоја недела од месецот, со што на некој начин ќе се обидеме да се доближиме до верниците и до пошироката јавност како во Австралија и Нов Зеланд, така и во Македонија.

Билтенот ќе содржи разновидна теолошка литература, но и вести и најнови случувања од Австралиско – сиднејската епархија. Со надеваме дека неделните духовни содржини ќе бидат за духовна полза на секој верник и читател.
 
Со почит,
Редакцијата на „Преображение“

+ Tодорова Сабота

„Види, Христовиот воин Го љубеше Христа, зашто со својата ревност и оган ги победи своите непријатели и, најпосле, самиот себе доброволно како добра и благопријатна жртва Му се принесе“ (песна од Канонот на Утрена на Тодорова сабота).

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашата света Православна црква нè поучува да се соединуваме со нашиот Спасител Господ Исус Христос. Откако ќе постанеме членови на светата Црква преку светата тајна Крштение, се здобиваме со право да ги ползуваме сите свети тајни и молитвословија. Во сите наши молитви и молитвословија ние општиме со Бог, но, во светата тајна Евхаристија, ние се соединуваме со Бога, каде што преку леб и вино го примаме Телото и Крвта на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Самиот Господ Христос, во светото Евангелие вели: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе" (Јн. 6, 53).

Светата Црква нè учи постојано да се трудиме да живееме со Христа и во Христа. Но, посебен период е Велигденскиот пост. Период кога Црквата ги удвојува молитвите и ги повикува своите верници на преиспитување и на анализирање на својот живот. Ги повикува да се подготват со пост и молитва и да се соединат со Господа Христа.

Па и ние денеска, кое сме собрани во овој свет храм, а најголем дел сте дојдени да се причестите со Телото и Крвта Христови, да пресечеме секакви престапи и гревови од нашиот живот. Па измиени духовно и телесно, а преку тоа исчистени, да се соединиме со Христа. А Телото и Крвта Христови да ни бидат за спасение и за вечен живот. Амин!

Митрополит + Тимотеј

+ Недела на Православието
 
Недела на Православието е наречена првата недела од Велигденскиот пост, кога всушност се празнува победата на иконодулите (почитувачите на иконите) врз иконокластите (иконоборците), изразена во одлуките на Седмиот вселенски собор. Оттука, Црквата си спомнува за повторното воведување на иконите во јавните богослужби и храмови, како и во приватните домови на верните. Службите за овој ден најчесто вклучуваат и литија околу храмот, при што свештенослужителите носат икони од светителот на храмот и други светители - заштитници, со што ја објавуваат победата.
 
Значење:
 
Секоја од неделите од Велигденскиот пост е посветена на определен настан или личност значајни за православната вера. Историски гледано, секоја недела во Великиот пост била користена за подготовка на огласените за нивното Крштение (на Пасха), и токму затоа се разгледувале најважните моменти од учењето на Црквата и животот, потребни за катихетот да се оспособи за свет живот.

Историско значење:

Историското значење кое овој ден го нуди е победата на вистинската вера. „Ова е победата која го победи светот - нашата вера“ (1. Јован 5, 4). Исто така, иконите на светителите го носат сведоштвото дека човекот, создаден по образ и подобие Божјо, станува свет и богообразен преку очистувањето од гревови. Врската помеѓу победата над иконоборците и Великиот пост е историска, затоа што се случила токму во првата недела на Постот, соодветната година.

Духовно значење:

Првично во оваа недела на Великиот пост се празнувал споменот на големите пророци, како Мојсеј, Арон и Самуил. Стиховите на алилуја и евангелските чтенија ја откриваат оваа постара употреба. Апостолот се чита од Посланието до Евреите. Огласените на овој начин, во раната Црква, го слушале Апостолот за Старозаветните мажи кои живееле со вера во ветувањето чие исполнување не го виделе.

Се чита и од Светото Евангелие според светиот апостол Јован, каде повторно се нагласува: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се качуваат и слегуваат над Синот Човечки. Огласените на раната Црква, и верните чеда на денешната Црква се припремаат за Пасхата, и им се укажува дека со вера ќе го видат исполнувањето на сите ветувања, и пројавувањето на Царството Небесно, во Црквата.

- Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински

Соборниот Храм „Успение на Пресвета Богородица“ - Мелбурн, Австралија. 
Химнографија
 
Тропар
глас 2
На Твојот пречист образ се поклонуваме, Благи,
барајќи прошка на гревовите наши, Христе Боже,
оти доброволно си благоволил со тело да се искачиш на крст,
за да ги избавиш оние што си ги создал од ропството на ѓаволот.
Затоа благодарствено Ти викаме: со радост си ги исполнил сите,
Спасителу наш, Кој си дошол да го спасиш светот.

                   
Кондак
глас 2
Словото неопишливо на Отецот,
стана видливо со воплотувањето од тебе, Богородице,
и кога го обнови осквернетиот образ во неговото
поранешно достоинство, го соедини со боженствената убавина.
А ние, исповедувајќи го спасението,
го изразуваме тоа со збор и дело.

 
Кондак, друг
Оваа тајна на Божјата промисла
беше некогаш наговестена од боговдахновените пророци.
Заради нас, кои достигнавме до крајот на вековите,
тие го претскажаа ова просветлување.
Преку него ние стекнуваме познание на Бога -
Еден Бог и Господ, славен во три Ипостаси.
Нему Единствениот служејќи Му, една вера и едно крштение имајќи,
во Христа се облековме. Ние пак, исповедајќи го спасението,
го изразуваме тоа со збор и дело.

+ Беседа за првата седмица од Великиот пост - Недела на Православието

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква ја прославува Првата недела од Великиот пост како Недела на победа на православието. Како што знаеме од историјата на Црквата Христова, од самиот почеток па до денеска, таа со различен интензитет е прогонувана, уништувана и задушувана со сите можни средства. Сепак, како Божја творевина, Црквата останува да сведочи и да ги прибира луѓето и да ги води по немирното море кон тивкото пристаниште за спасение на нивните души, зашто и Самиот Христос за неа рекол: „И вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мат. 16,18).  Не случајно, многу свети отци ја споредуваат Црквата Божја со брод кој плови по разбранувано море. Христијаните кои ќе влезат во Црквата, односно кои ќе се качат на тој брод, чиј кормилар е Самиот Господ Исус Христос, ќе ги преживеат сите перипетии и искушенија што животот ги носи во овој век. Црквата најпрво била гонета од надворешните непријатели, односно од римските императори и нивните продолжени раце. Потоа, христијанството добило слобода и престанале гонењата. Со Миланскиот едикт во 313 година, а од кого оваа година прославуваме 1700 години од неговото донесување, ќе се појават внатрешните непријатели кои ќе ја разоруваат Црквата однатре.

Кога би се направила споредба помеѓу внатрешните и надворешните гонители, се добива впечаток дека внатрешните непријатели биле посилни и пострашни отколку надворешните гонители. Најпрво ќе се појави Ариј, па Македониј, Несториј, Евтихиј и други еретици, кои погрешно учеле за Лицата од Светата Троица, за нивната природа, волја, происход, а и за Пресветата Богородица. Во 8 век, пак, ќе се појави најголемата ерес – иконоборството, која ќе биде поддржана и од византиските императори и цареви, а особено од Лав Исавријанец. Оваа ерес ќе трае повеќе од 120 години и Црквата Божја ќе претрпи страшни страдања. Во тие гонења ќе бидат уништени безброј вредни икони и фрески од светите цркви и манастири. Заради ова погрешно учење,  во 787 година, Црквата ќе мора да го свика и Седмиот вселенски собор, кој ќе се одржи во Никеја, во непосредна близина на Цариград, поточно во црквата „Св. Софија“, каде се одржал и Првиот вселенски собор. На овој Собор ќе биде осудено иконоборството и ќе биде изгласан орос или правило со кое се утврдува почитувањето на светите икони. Но, и покрај овој Собор, иконоборците, поддржувани од одделни структури на византискиот двор, ќе продолжат уште долго да ја потресуваат Црквата. Дури во 842-3 година, Цариградскиот патријарх Методиј, поддржан од царицата Теодора, на свечен начин ќе ги врати иконите во светите храмови. Токму од тогаш се воведува оваа пракса, во оваа недела да се прославува споменот на победата на православието.

За време на овој временски период од 120 години нема да настрадаат само иконите и фреските што биле уништени, спалени, исфрлени, унижени, туку ќе настрадаат и многу архиереи, свештеници, монаси и верници. Најкарактеристичен пример е светиот Јован Дамаскин, кој се јавува како ревносен бранител на иконите. Тој ќе напише многу студии и полемики во кои ја докажува исправноста на иконите. Свети Јован ќе биде наклеветен дека се противи на императорскиот двор и заради тоа ќе биде казнет со отсекување на неговата рака. Овој праведен црковен учител и свет човек ќе го замоли византискиот цар да му ја даде отсечената рака, а откако желбата ќе му биде услишана, длабоко ќе ја моли Мајката Божја да го излекува и во таа молитва ќе падне во длабок сон. За време на неговото спиење му се јавува Мајката Божја и му вели да ја стави отсечената рака на своето место и така раката повторно станала здрава, со тоа што се забележувале само лузните од отсекувањето. Како благодарност за ова чудо и излекување, свети Јован Дамаскин направил сребрена рака и ја ставил на иконата на Мајката Божја и оттогаш, во православниот свет, постои иконата Пресвета Богородица - Троеручица.

Тука се поставува прашањето, на кој начин ние христијаните ја почитуваме иконата? За ова се воделе долги и жестоки интелектуални надмудрувања во осмиот и деветтиот век. Но, како догма на православното учење се утврдило дека ние кога се молиме или се поклонуваме на иконите и на фреските, ние не ги обожуваме ликовите, туку ги почитуваме. Кога ги целиваме, пак, ние не го целиваме дрвото и металот, односно материјалот од кој е направена иконата, туку го почитуваме и целиваме ликот кој е изобразен на таа икона, а преку почитта на светиите, ние Го славиме и почитуваме Господа. Тоа е нешто слично, како кога имаме и почитуваме некоја слика од нашите сакани родители или деца, било тие да се далеку од нас, или, пак, се упокоени. Ние ги гледаме нивните слики, ги сакаме, а понекогаш некој и разговара со нив, но не со сликата, туку со она што таа слика претставува. Бог го создал човекот според Својот образ и подобие и го создал како психофизичко битие, односно со тело и душа. А што е душата ако не икона на сликата Божја во човекот, а телото, пак, рамка на таа икона.

Драги браќа и сестри!

Црквата ни го дава овој велики пост во кој ние како верници треба да се очистиме од секакви нечистотии и гревови. Преку телесниот пост ние ја чистиме рамката на иконата Божја, а преку духовниот пост ја чистиме самата икона, односно образот Божји. Секој престап и секое отстапување од законите и прописите се нарекува грев. Па затоа е потребно да се ослободиме од нашите гревови, да се очистиме и духовно и телесно, па да можеме тој лик и тоа подобие што ни е  дадено од Бога полесно да го согледаме и да Го прославиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, и да им вознесеме слава и благодарност, а за спасение на нашите души и тела. Амин!

- Митрополит + Тимотеј

Што е Исповед?

Исповедта е насушна потреба за сето паднато човештво. Таа е помирување и повторно враќање на човекот при Бог. Исповедта е најтесно поврзана со покајанието, и секогаш неразделно поврзана со него. Нема правилна исповед без покајание. Ако нема покајание, нема ни исповед. Откако ќе ја почуствуваме и осознаеме нашата падната состојба и нашето отуѓување од животворниот Бог, станувајќи свесни дека токму нашиот грев е тој што ја нарушува таа благодатна и љубовна заедница со Него, а лишувајќи не од животворната енергија, стануваме свесни дека ништо всушност немаме ако не го обновиме тој однос и таа заедница со Бог. Тогаш го отфрламе сето она што го предизвикало нашето отпаѓање, и се што не одделува од Бог. Таква треба да е исповедта, бидејќи само како таква е исцелителна и спасителна за нашата душа.

За да зборуваме за исповедта, потребно е поточно да се знае што е гревот. Гревот не е нарушено правило, закон, бон-тон или кодекс на живеење, туку гревот е егзистенцијално промашување и раскинување на нашата заедница со живиот Бог. Он нам ни се открил во Евангелието и според тоа нашиот живот треба да го восогласуваме со Евангелието. Христос е Патот, Вистината и Животот, па така, сето она што е надвор од Него, се она што не одделува од Него како неизменлив Бог, и не прави не слични со Него, е животно промашување и грев.
Како би можеле наједноставно да ја опишеме исповедта?

Да речеме дека нашиот живот е патување на брод и ако на тоа патување доживееме бура, за да се спасиме од бродолом треба да го испразниме (олесниме) бродот. Најпрво ги исфрламе покрупните работи, а подоцна и оние поситните, односно понезабележителните работи. Така е и со исповедта. Сето она што ни тежи и го прави несигурен нашиот живот во Бог, го исфрламе и се ослободуваме од него. Со првото доаѓање на исповед, човекот се враќа при Бога и се присоединува кон Црквата. На првата исповед најчесто се исповедаат видливите за нас гревови: гревовите телесни, направени со дело и со збор. Подоцна, откако делумно ќе го исчистиме нашето срце од страстите и откако ќе влезе во него светлината на очистителната благодат Божја, ќе можеме да ги препознаеме, односно освестиме и посуптилните гревови и страсти. Исто како што во една затворена, темна просторија, кога ќе го тргнеме пердето од еден прозор за да влезе светлина: најпрво се забележуваат покрупните работи, а ако продолжиме со пропуштање на светлината, ќе може да се забележи и најситната прашинка. Не е во ред ако нашата исповед останe на исто ниво како и првата. Тоа значи дека немаме духовен напредок и неправилно живееме, затоа што на првата исповед, Бог ни дава т.н. прво просветлување, кое е плод на очистувачката благодат која ни соодејствува на нашиот подвиг на очистување на срцето од страстите. Преку неа ни се дава можност да ги забележуваме сите наши слабости и гревови. Таа прва светлина, треба да ја насочиме кон себе, за согледување на своите слабости и грешки. Затоа што постои демонско искушение и наместо со таа светлина да ги видиме своите недостатоци, ние ја насочуваме кон гледање на туѓите слабости и гревови. Ако ја насочиме кон согледување на своите гревови и страсти, тогаш таа за нас станува исцелителна, но ако ја насочиме кон судење и осудување на другите, тогаш таа ќе биде за наша осуда. Тогаш, паѓајќи од темнина во темнина, нашата состојба станува полоша од првата според зборовите Христови: откако демонот ќе биде изгонет од нечие срце, тој се враќа назад и го наоѓа домот празен, изметен и уреден, тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат, и последната состојба на тој човек станува полоша од првата.(Матеј 12, 43-45) Значи, срцето не треба само да го испразниме, туку треба и да го исполниме со благодатните плодови на Светиот Дух.
Игумен Гаврил во црквата „Света Петка“, Сиднеј, Австралија. 
Како правилно да се исповедаме?

За исповедта да ни биде за исцеление и за спасение на душата треба правилно да се исповедаме. На исповед не се оди за разговор со свештениот, да се фалиме колку сме добри, ниту да ги исповедаме другите, притоа судејќи ги и осудувајќи ги истите. Не треба да заобиколуваме, ниту пак да избираме убави, префинети зборови ублажувајќи ја сопствената вина. Да не се самоправдуваме или да го убедуваме духовниот Отец да застане на наша страна за да не оправда, туку да се осудиме самите себе и да си ги признаеме пред Бога и духовниот Отец сите свои гревови, да побараме прошка за нив и совет како да живееме. Секогаш носечка мисла при исповедта е: „јас сум виновен за се“. Усвојувајќи ја таа мисла, сите наши мисли и чуства добиваат друг тек и нема да ги осудуваме другите, а секогаш вината ќе ја наоѓаме во нас и ќе се каеме за тоа.

Гревот е рана и треба да се излечи. Еден од најефикасните лекови е исповедта. Колку е попрецизна исповедта, толку е побрзо лекувањето. Со тоа покажуваме и посилно покајание, страв Божји, љубов и решеност да се ослободиме од гревот и заживееме здрав христијански живот.

Исповедта треба да биде прецизна, длабока и искрена, и тоа ја прави делотворна. Накратко да ја опишеме ситуацијата во која и со која сме паднале и потоа да исповедаме што во моментот се случувало и продолжило да се случува во нашето срце. Сите лоши и негативни реакции на срцето и умот.

Кај гревовите од првите две групи на страсти, сластољубието и среброљубието гревот се случува најпрво со предлог, прифаќање, потоа разговор со предлогот (помислата), согласување, желба, грев и страст. Во ситуациите пак, кога е повредено нашето его (третата група на страсти, славољубието), прва реакција е помрачувањето на умот, потоа ни оладува љубовта, се гневиме, судиме, осудуваме, злопамтиме… и, ако не ги прекинеме навреме овие реакции на нашето болно и острастено срце, почнуваме да грешиме со збор, па и со дело. Неколку пати повторен грев, создава страст, заробеност на срцето од тој грев и потоа, тој потешко се лекува.

За таквиот грев е потребен и поголем подвиг при негово очистување. Со исповедта се простува гревот, но раните, последиците од него се уште остануваат и за нив треба извесно време за целосно да се излекуваат. Постои и поголема демонска измама – срам да се каже дека гревот се повторил или помислата дека му досадуваме на духовниот отец. Духовниот отец не е оној што ги суди децата, туку оној што ги сака и духовно ги води. Он своеволно се предава на служба на љубовта. Затоа не треба да се плашиме, туку да се исповедаме редовно дури и кога духовниот отец не прекорува и разобличува. Ако исповедаме некој грев постојано, со тек на време, демонот кој стои зад него, губи сила, а и ние ќе почнеме да внимаваме да не грешиме.

Господ ни дава ситуации и искушенија, за ние да се освестиме и да видиме што криеме во срцето. Преку искушенијата да се видиме самите себе. Тоа е вид просветление и тогаш треба да го насочиме кон себе, а не кон осуда на братот, сестрата. Ако судиме некој за нешто, знајте дека од истото за што судиме, патиме и ние. Тоа е правило.

И на крајот да заклучиме: Богочовекот Исус Христос е наш критериум за животот, а не некој друг и нашиот грев е во однос на Него. Колку сме неслични со Христос, толку сме погрешни и подалеку од Него. Затоа, се она што не прави неслични со Христос е тема на нашата исповед. Заради тоа се каеме и тие погрешни чекори ги исповедаме пред свештено лице кое е икона Божја, притоа пазејќи да не обвинуваме некој друг туку себе си, и секој совет од него треба да го сметаме како совет од Христос и да го исполниме. Исповедта треба да е редовна, а не само од време на време – повремена. Колку повеќе се исповедаме, толку повеќе душата станува по осетлива и ние се вподобуваме на Христос, Кој е нашата цел и утеха.

- Игумен Гаврил (Галев)
Репортажа за канонската посета на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј на Австралиско – сиднејската епархија
 
Во изминатиот периодот од 03 до 29 јануари во редовна канонска посета/визитација на Австралија, односно на Австралиско – сиднејската православна епархија благоволи да дојде нашиот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, кој во придружба со протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски благоволи да посети и богослужи во многу храмови низ епархијата, кои однапред беа предвидени во програма.

Митрополитот заедно со црковната делегацијата од Р. Македонија пристигна во далечна Австралија во доцните вечерни часови, слетувајќи на аеродромот Туламарин, каде беше пречекан од неговите духовни чеда, кои во голем број дојдоа да му посакаат топло добредојде и престој во Австралија.
Следејќи ја претходно утврдената програма, веќе утредента Митрополитот со црковната делегација ја започна својата канонска визитација со посета на храмот „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија, каде утредента токму на празникот посветен на светиот Наум, Охридскиот чудотворец, чие име го носи храмот беше отслужена Света божествена архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ефтим Бетински, протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред започнувањето на Литургијата беше извршен чинот на преосветување на храмот, а по нејзиното завршување беше прекршен празничниот колач и Митрополитот г. Тимотеј им се обрати со пригодна беседа, но и со лично слово кон верниот македонски народ во црковната општина, со искрена порака да се вратат кон нивната единствена мајка црква МПЦ – ОА, да го изберат единствениот вистински пат кон спасението со избор на легален и лигитимен свештеник, зашто црквата без свештеник не е црква. Митрополитот ги поучи и да не се плашат за нивните имоти, зашто на нашата црква и требаат луѓе, а не градби. Исто така се осврна и на овие тешки времиња за Р. Македонија и Македонците, на времето во кое не ни треба разделување, туку обединување, па затоа и ги предупреди да не ги слушаат манипулациите од одредени внатрешни манипуланти на нашиот народ, водени често од лични интереси, туку да се издигнат над тоа, и да ги подржат оние кои се залагаат за добробитот на Македонците во оваа наша црква во Аделаид, како што е претседателот на Општината, заедно со управата. Во попладневните часови Митрополитот и црковната делегација се упатија кон Мелбурн – Викторија.
На 07 јануари кога го празнуваме славното Рождество Христово – Божик, во Соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Сиденхамм Мелбурн – Викторија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ефтим Бетински (старешина на храмот), протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој во голем број и пристапи кон светиот Путир. По завршувањето на Литургијата беше прочитано Божикното послание.

Веднаш пак утредента (08 јануари – Втор ден Божик и Собор на Пресвета Богородица) во храмот „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Чедомир Илиевски (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

Радоста при оваа канонска визитација беше полна особено и поради враќањето во прегратките на Мајката Црква на црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, каде на 06 јануари пристигна новиот парохиски свештеник о. Климент Станковски, а на 09 јануари, на празникот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, после цели 22 години, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј чиноначалствуваше на Светата божествена литургија, која беше отслужена во сослужение на повеќе свештенослужители: протоереј – ставрофор Ефтим Бетински, игуменот Гаврил (Галев), протоерејот Никола Христоски, ерејот Климент Станковски (старешина на храмот) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беше извршен чинот на очистување на храмот. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот освен со пригодна беседа, се обрати и лично кон сите верници, како и кон членовите на Управата од оваа наша црква, на кои им порача дека со доаѓањето на новиот легален свештеник, отец Климент Станковски, тие направиле вистински потег за пофалба, со кој после долги години се враќаат кон единствената Мајка Црква. Митрополитот ги охрабри да не се плашат и да знаат дека никој, ниту тој лично, ниту некој од Синодот, не се заентересирани за нивните имоти, туку единствено се заинтересирани за нив, како членови на Црквата, чија глава е Христос. Митрополитот им го честита празникот со желби и молитви нивниот пат секогаш да биде правилниот пат, единствениот кој води во Царството Божјо. На свечениот ручек, свој поздравен говор имаше и претседателот на црковната општина во Епинг, г – дин Мирчо Ангелоски. Мора да забележиме дека овој настан преставуваше историски чин и дека како таков ќе остане засекогаш како ден за паметење и радост во поновата историја на МПЦ – ОА.
Радоста при оваа канонска визитација беше полна особено и поради враќањето во прегратките на Мајката Црква на црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, каде на 06 јануари пристигна новиот парохиски свештеник о. Климент Станковски, а на 09 јануари, на празникот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, после цели 22 години, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј чиноначалствуваше на Светата божествена литургија.
По Литургијата во храмот во Епинг, наредните денови започнаа подготовките за Генералното епархиско собрание на Австралиско – сиднејската православна епархија, кое се одржа на 11 јануари во просториите на „Шелдон Ресепшн“ во Мелбурн – Викторија, под раководство на претседателот на истото, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, а на кое беа разгледани повеќе прашања од животот на Епархијата. На свеченото собрание присуствуваа делегати од 11 цркви, кои се под надлежност на Митрополитот г. Тимотеј, и тоа се следниве цркви:

1 - „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија;
2 - „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн – Викторија;
3 - „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија
4 - „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс
5 - „Свети Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс
6 – „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј – Нов Јужен Велс
7 – „Свети Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс
8 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија
9 – „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија
10 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија
11 – „Света Недела“ во Голд Кост – Квинзланд

Собранието работеше по предложениот дневен ред, според кој, најпрво се усвои Извештајот за двегодишното работење (2015 – 2016) на Митрополитот г. Тимотеј во Австралиско – сиднејската православна епархија. Потоа беше разгледан и усвоен финансовиот извештај на благајникот на Епархијата, а се пристапи и кон усогласување на ставовите на Светиот Архиерејски Синодот (САС) на МПЦ – ОА и Епархиското собрание за Статутот на Австралиско – сиднејската православна епархија, со што се овозможува регистрирање на Епархијата во Австралија. Истите беа усогласени без некои посебни дискусии и забелешки.

 Епархиското собрание ги реизбра членовите на Епархискиот управен одбор (ЕУО) со мандат за уште две години, а исто така избра и делегати за Архиепископски црковно – народен собор (АЦНС). Делегатите на собранието искажаа искрено добредојде на црквата „Света Петка“ од Рокдејл, како црква и управа, кои најмногу претрпеле одделни непријатности во изминатиот период. Искажаа и искрена благодарност за храброто решение на црквата „Свети Ѓеоргиј и Пресвета Богородица“ од Епинг, за целосно вклучување во редовите на МПЦ – ОА, со назначувањето на легитимен свештеник во лицето на о. Климент Станковски. 

Делегатите избраа и Просветен одбор, кој ќе се грижи околу просветната и издавачката дејност на Епархијата, а за доброто на Македонците во Австралија. Делегатите дадоа поддршка на Младинската организација (MOYA) и зедоа обврска на секој начин истата да ја поткрепуваат, како во идеи, така и материјално. Се даде предлог да се испита и можноста за организирање на свеќоливница, во организација на Епархискиот управен одбор, која би била главен добавувач на свеќи за црквите и манастирите во Австралија. Делегатите посветија сериозно внимание и на состојбата во црквата „Света Недела“ во Голд Кост – Квинзланд, која се сретнува со економски проблеми, бидејќи и самата има малку членови. Тука се покажа солидарноста на повеќе цркви, кои одлучија финансиски да ја поткрепат таа црковна општина.

Наредниот ден (12 јануари) делагацијата отпатува за Сиднеј – Нов Јужен Велс. На 14 јануари, на празникот Обрезание на Господ Исус Христос и свети Василиј Велики, во храмот „Свети пророк Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Ѓорѓи Митев (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

Во Триесеттата недела по Педесетница (15 јануари), кога ги празнуваме светите Силвестер папа Римски и Серафим Саровски, во храмот „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Никола Христоски, свештеникот Радојчо Митрев (старешина на храмот) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

На 19 јануари, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во храмот „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на игуменот Гаврил (Галев), протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Големиот Богојавленски водосвет и потоа Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа. Потоа сиот верен народ, предводен од Митрополитот Тимотеј и свештенството, се упати кон водите од Тихиот океан при сиднејското крајбежје, каде според традицијата беше спуштен светиот Крст.

Потоа на 20 јануари, на празникот Собор на свети Јован Крстител, во храмот „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ѓорѓи Лапоски (старешина на храмот), протоереј Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

На 22 јануари, во Триесет и првата недела по Педесетница, во храмот „Свети вмч. Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Љубомир Милошоски, протоереите: Александар Ивановски и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач и Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

По неколку дена поминати во Сиднеј, на 24 јануари делегацијата се упати кон Перт – Западна Австралија, каде Митрополитот г. Тимотеј најнапред оствари повеќе средби со верниот македонски народ во црковната општина „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија, кои ги поучуваше дека на Синодот не им се потребни имотите, но верниците, на кои им порача – да бидат со МПЦ – ОА.

На 29 јануари, во 32 Недела по Педесетница, во храмот „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Станко Јовановски (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.

По отслужената Литургија, истиот ден Митрополитот заедно со црковната делегација отпатува за Р. Македонија со што заврши канонската визитација.

Исто така треба да се нагласи дека за време на канонската визитација, Митрополитот секојдневно остваруваше работни средби со многу црковни одбори и со паствата и во секоја дадена прилика му посветуваше време на народот. Така два пати гостуваше во радио и даде интервјуа најнапред во Македонската радио програма „Трипл зед“ (3ZZZ), а потоа и во СБС (SBS), кои беа упатени до целата Македонска јавност и заедница во Австралија. Двете интервјуа беа скоро идентични и со бројни искрени и пастирски поуки во духот на вистинското Православие и со надеж дека набргу еднаш за секогаш сите проблеми, раздори и расколи ќе изчезнат во минатото. Митрополитот нè советуваше: „Во никој поглед нашите верници не треба да се плашат дека владиката Тимотеј е дојден со лукавство или не знам какви трикови или итрини да им зема или поткупува некаков имот на нашите македонски цркви во Австралија, туку напротив, се застапувам и имотите и црквите да си бидат на Генералното членско епархиско собрание на одделни цркви“. Уште додаде дека луѓето во дијаспората ги граделе и создавале црквите и другите имоти за нивни потреби и дека канат свештени лица од Р. Македонија само со цел да ги задоволат нивните религиозни и верски потреби. И во првото интервју посочи дека тој и САС на МПЦ – ОА не сакаат имоти во Австралија и никогаш не биле заинтересирани за тоа, туку сакаат полни храмови со верници. Всушност поточно кажано, Митрополитот г. Тимотеј се застапува црквите и имотите да останат во сопственост на оние, кои ги создавале и нивните потомци.

Кога би собрале и одземале сè, останува впечатокот дека Митрополитот г. Тимотеј заедно со црковната делегација оствари успешна канонска визатација на Австралискиот континент, посетувајќи ги и богослужејќи во скоро сите црковни општини во богомдарованата Австралиско – сиднејска православна епархија, претседавајќи со Генералното епархиско собрание, остварувајќи низа работни средби со претставниците на македонските црковни општини и заедници и со мноштво верен народ.

На крај ја користам оваа прилика јавно од мое име, од името на свештенството, монаштвото и верниот народ и црковните општини и заедници на Австралиско – сиднејската православна епархија и од името на MOYA да му се заблагодариме на нашиот надлежен епархиски архиереј – Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј - за неискажаниот неуморлив труд и пастирска грижа и посветеност, и за љубовта и разбирањето, кое ни го укажа на сите нас, неговите духовни чеда, населени насекаде низ Австралија, кои повторно наскоро го очекуваме да не удостои повторно со посета.
 
- Ананија Ананиевски
Претседател на Македонската Православна Младина на Австралија (MOYA)
Очекувајте нѐ повторно наскоро!
 
Христос посреде нас!
 
Австралиско – Cиднејска Православна Епархија
Copyright © 2017 Macedonian Orthodox Church - Diocese of Australia-Sydney, All rights reserved.

Заштитени авторски права © Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија 2017 година. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, без претходна писмена согласност.

Our mailing address is:
mpc-oa@outlook.com 

Want to change how you receive these emails?
You can update your preferences or unsubscribe from this list
 






This email was sent to <<Email Address>>
why did I get this?    unsubscribe from this list    update subscription preferences
Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishopric · 340 Sydenham Road · Sydenham, VICTORIA 3037 · Australia

Email Marketing Powered by Mailchimp