Copy
Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Австралиско-Сиднејска Епархија 
View this email in your browser
Share
Tweet
Forward

„ПРЕОБРАЖЕНИЕ“

Електронски неделен билтен на Австралиско-Сиднејската Епархија при Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

Година I; број 4, 26-ти март 2017 – Недела на Свети Јован Лествичник

Издава:
Епархиски црковно-просветен совет на Австралиско-Cиднејската Православна Eпархија

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот Дебарско – кичевски и
Администратор Австралиско – сиднејски
г. Тимотеј +
 
                                                    Содржина:
 
1 – Недела на свети Јован Лествичникпротојереј-ставрофор Ефтим Бетински
2 – Синаксар во Неделата на свети Јован Синаит, наречен Лествичник
3 – Беседа во Неделата на свети Јован Лествичникмитрополит г. Тимотеј
4 – Житие на свети Јован Лествичникпротојереј Чедомир Илиевски
5 – Добродетелите во Лествицата на свети Јован Лествичник и Египетскиот патериконигумен Гаврил (Галев)
6 – Недела на преподобниот Јован Лествичникпротопрезвитер Александар Мењ
7 Фестивал на културното наследство на Канбера 2017 – Јовица Ѓоргоски
8 Акатист на Пресвета Богородица
9 – МПЦ-ОА ќе организира канонизација на игуменот свети Кипријан Слепченски

Недела на Свети Јован Лествичник


Недела на Свети Јован Лествичник е четвртата недела на Велигденскиот пост, и доаѓа после Крстопоклоната недела. Оваа недела Црквата се сеќава на Свети Јован Лествичник, духовен светилник и автор на капиталното дело на православната духовност - Лествица.
 
Духовно значење: Секоја од неделите на Великиот пост е посветена на определен настан, личност или мотив. Оваа недела Црквата се потсетува на сведоштвото на св. Јован за потребата од вистинска духовна борба („до крв“) за влегување во Царството Божјо. Исто така, овој мотив слуши за поттик на верните кон целта на нивниот подвиг во постот, зашто според Господа, само „оние кои издржат до крај ќе бидат спасени“ (Матеј 24,13).
Химнографија

 
Тропар
Оче Јоване, кој на небесата засветли со добродетели,
а засаден на сигурна почва, набожно се искачи до неизмерната
длабочина на богосозерцанието; а откако ги победи лукавствата демонски,
ги штитиш луѓето од нивните напади, скало на добродетелите;
и сега се молиш да се спасат слугите твои.
 
Кондак
На висина од воздржанието Господ навистина
те положи, како ѕвезда вистинска, која ги осветлува
краиштата на земјата, наставниче, оче наш Јоване.

† Недела на Свети Јован Лествичник - Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински
Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински, Македонска Православна Црква „Успение на Пресвета Богородица“ Сиднехам, Викторија, Австралија.
Синаксар Недела на Свети Јован Синаит, наречен Лествичник


Свети Јован го умртвуваше телото додека беше жив, Затоа сега живее вечно, иако е мртов по тело. Во списот Рајска скала (Лествица), што ни го остави, Ни го опишува својот пат на искачување (кон небото) Јован умре во триесеттиот ден. Кога тој имаше 16 години, бидејќи беше остроумен, се принесе себе си како света жртва на Бога, кога се искачи на Синајската Гора. Потоа, по 19 години, се предаде на безмолвие за време од 40 години, во манастирот Палестра, на местото наречено Тола, горејќи секогаш со љубов кон Бога. Јадеше се што беше дозволено според заповедите, но мошне умерено, совладувајќи ја мудро горделивоста. Но кој ќе го опише изворот на неговите солзи? Спиеше само колку да не ја повреди природата со бдеењето. Неговата молитва беше pостојана, а љубовта кон Бога неизмерна. Живеејќи така богоугодно, ја напиша и книгата Лествица (Рајска скала), во која го изложи своето учење за духовното усовршување, како и други книги, и се упокои во Господа. По неговите молитви, Боже, помилувај нѐ и нас и спаси нѐ.

Беседа на Недела на Свети Јован Лествичник 


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

 
Драги браќа и сестри,


Денешното свето Евангелие ни зборува за страдањето на еден млад човек, кој бил опседнат од нечист дух. Тој нечист дух го измачувал на најразлични начини. Го фрлал во оган и во вода, честопати со голема опасност да го загуби својот овоземен живот.

Таткото на овој млад човек го носел кај најразлични лекари со молба и со желба неговото сакано чедо да биде излекувано. Барајќи лек го донел и кај апостолите на Господа Исуса Христа и нив ги молел да го излекуваат. Но тие, како што слушнавме од Евангелието, не можеле да го излекуваат. 

Овој настан се случува за време додека нашиот Спасител, Господ Исус Христос, се преобразувал на гората Тавор во присуство на своите тројца ученици: Петар, како претставник на силна и непоколеблива вера, Јаков, како претставник на постојана надеж, милост и човекољубие Божјо, а Јован, како претставник на безграничната љубов кон Бога и кон ближните како кон Божји деца. Пред овие тројца апостоли Христос се преобразил и Неговото лице засветило како сонце, а алиштата му биле побели од снег. И тогаш им се покажале Мојсеј и Илија, кои зборувале со Него (Мт. 17, 2). Тогаш овие тројца Господови ученици ја виделе славата и божеството на нашиот Спасител и Господ. Како што претходно рековме, токму во овој момент несреќниот родител го донел својот син кај останатите апостоли за да го излекуваат. Но, тие сè уште не биле цврсти во својата вера и немале уште благодат Божја, заради отсуството на нивната вера, и затоа не можеле да го излекуваат овој несреќник. Откако Господ Христос слегол од гората Тавор, овој несреќен родител го довел својот син пред нозете на Христа, молејќи го со зборовите: Ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни (Мк. 9, 22)! А Господ Христос му рекол: Ако можеш да поверуваш - сè е можно за оној што верува (Мк. 9, 23)! Тогаш родителот паднал на коленици и рекол: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие (Мк. 9, 24)! Самиот родител немал цврста и непоколеблива вера, која што раѓа чуда. Бидејќи самиот на Спасителот му рекол: ако можеш. Таква слаба и неутврдена вера и денеска честопати се сретнува кај безброј луѓе кои се наоѓаат во разни искушенија, маки и страдања, болести и непогодности. Со нивните воздишки се молат: Боже, ако те има; Боже, ако постоиш некаде. Со вакви молитви очекуваат Господ да им помогне. Се разбира, тоа се празни зборови без содржина, без вера, без надеж.

Чудото е како законско чедо на бракот, бракот на верата и љубовта, на човековата љубов кон Бога. И тука се случува чудо откако овие услови се исполнети. Откако родителот со солзи во очите паднал на колена и воскликнал: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие, тогаш Господ Христос му заповедал на нечистиот дух да излезе од него. И ѓаволот излегол од детето и тоа оздравело во тој час. 

Тука се венчала човечката вера и надеж со Божјата љубов, и се родило чудо - се излекувало момчето опседнато од нечист дух. 

Апостолите, кога останале насамо, го прашале Господа Христа: Зошто ние не можевме да го истераме? А Христос им одговорил: Заради вашето неверие. И додал: Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост (Мк. 9, 29). Покрај цврстата и непоколеблива вера во семожноста Божја, постојаната надеж на милоста и човекољубие Негово, постот и молитвата се испробани лекарства против лошиот дух, кој обиколува како лав што рика и бара некого да проголта (1 Петр.5, 8). 

Бидејќи се наоѓаме во втората половина од Великиот пост, добро е да се потсетиме дека постот и молитвата ги смируваат страстите, кои нечистиот дух, преку мрсната и богата храна и преку силните пијалаци, ги разгорува до грев. А молитвата ја чисти душата од гревовните нечистотии, како водата што ја мие телесната нечистотија. Што е водата за телото, тоа е молитвата за душата. Исто онака како што човечкото тело секој час се валка со телесната нечистотија, исто така, и душата се валка со духовна нечистотија. Лошите мисли, гордоста, зависта, омразата, љубомората, страстите, сите тие ја валкаат душата. Затоа постот и постојаната молитва се неопходни средства за борба против лошиот дух.
Од ова чудо кое е плод на силната вера да извлечеме и ние поука за нас. Во нашиот живот имаме големи искушенија и проблеми поради кои имаме потреба да се молиме на нашиот Спасител и Избавител за Негова помош. Кога се молиме на Бога и бараме Негова помош, потребно е да пристапуваме со голема и цврста вера, најпрво во семоќноста Божја, и да бараме она што ни е потребно и корисно за нашата душа и нејзиното вечно спасение во Царството Божјо. Во нашата молитва не смее да се појави ни најмал сомнеж во семоќта Божја. Многупати нешто молиме, но нашите молби остануваат неслушнати. Бараме и очекуваме помош, но неа ја нема. Ако се запрашаме зошто нашата молба не е исполнета, ќе добиеме одговор од свети апостол Јаков, кој вели: Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите похоти (Јк.4, 3). 
Да се сетиме на Христовата порака, која вели: Кој верува во Мене има живот вечен. Оној што верува, не само што ќе добие вечен живот, туку има живот вечен и сега, во овој живот. Тој човек има мир во душата, спокоен сон и сè она што го краси благородниот и честит човек. За да се добие живот вечен не е доволно само празна вера. Потребни се и добри дела. За тоа ни потврдува светиот апостол Јаков со неговите зборови: Верата без дела е мртва (Јк. 2, 17). 

Денешниот човек има слаба вера. Потребно е да го молиме Господа, како некогаш апостолите: Господи, дај ни силна вера. Да го молиме Господа да ни помогне да исфрлиме од нашите срца секаков сомнеж, да ја засили нашата вера, како онаа на несреќниот родител од денешното свето Евангелие. И да ја упатиме нашата молитва: Веруваме, Господи, помогни му на нашето неверие. Нашата вера, засилена со Божјата милост, ќе донесе корисен плод бидејќи Господ кога ќе ја види нашата постојана и силна вера ќе ги исполни нашите молитви, со зборовите: Нека ви биде според вашата вера. По молитвите на свети Јован Лествичник, големиот молитвеник и испосник, Бог нека ја зацврсти на нашата вера и непоколеблива надеж.
 
Бог да ги услиша нашите молитви. Амин, така нека биде!
 
- Митрполит + ТИМОТЕЈ
Житие на Свети Јован Лествичник

 
Прeп. Јoван Лeствичник. Писатeл на пoзнатата книга “Лeствица”. Дoшoл oд нeкадe на Синајската Гoра какo шeснаeсeтoгoдишнo мoмчe и тука oстанал, најпрвo какo пoслушник, пoтoа какo oтшeлник и најпoслe какo Синајски игумeн дo свoјата 80. гoдина, кoга и завршил, oкoлу 563 гoдина. Нeгoвиoт живoтoписатeл, мoнахoт Данил, за нeгo вeли: “Сe вoзнeсe сo тeлoтo на Гoрата Синајска, а сo духoт на Гoрата Нeбeсна”. Кај свoјoт духoвeн oтeц, Мартириј, пoминал вo пoслушаниe 19 гoдини. Св. Анастасиј Синајски, видувајќи гo eднаш младиoт Јoван, прoрeкoл за нeгo дeка ќe бидe игумeн Синајски. Пo смртта на свoјoт духoвник, Јoван сe пoвлeкoл вo eдна пeштeра кадe вo тeшки пoдвизи пoживeал 20 гoдини. Нeгoвиoт учeник Мoјсeј заспал eдeн дeн вo ладoвината на eдeн гoлeм камeн. Јoван на мoлитва вo свoјата кeлија видeл дeка нeгoвиoт учeник e вo oпаснoст и пoчнал за нeгo да Му сe мoли на Бoга. Кoга пoдoцна дoшoл Мoјсeј, паднал на кoлeна и му заблагoдарил на свoјoт духoвeн oтeц штo гo спасил oд сигурната смрт. И раскажал какo вo сoнoт слушнал Јoван кај штo гo викал, па скoкнал и вo тoј миг oнoј камeн паднал. Да нe скoкнeл, камeнoт би гo убил. На навалувањeтo на браќата, Јoван сe нафатил за игумeн и управувал сo спасeниeтo на чoвeчкитe души сo рeвнoст и љубoв. Eднаш слушнал прeкoр oд нeкoи дeка e мнoгуглагoлив. Нe лутeјќи сe ни малку, Јoван замoлкнал и цeла гoдина нe прoгoвoрил ни збoр, дoдeка браќата нe гo измoлилe да прoгoвoри и да прoдoлжи да ги учи сo свoјата благoдатна мудрoст. Eднаш дoшлe 600 пoклoници вo Синајскиoт манастир. При трпeзата ситe видeлe eднo пoдвижнo мoмчe вo eврeјска oблeка кoeштo служeлo и на другитe слуги им запoвeдалo и распoрeдувалo. Наeднаш тoа мoмчe гo снeмалo. И кoга ситe сe oбѕиралe и сe распрашувалe, Јoван рeкoл: “Нe барајтe гo, тoа прoрoкoт Мoјсeј пoслужи на свoeтo мeстo”. За врeмe на свoeтo мoлчаниe вo пeштeрата, Јoван напишал мнoгу кoрисни книги, oд кoи најславна, и дeн дeнeшeн мнoгу читана e “Лeствицата”, вo кoја сe oпишува мeтoдoт на вoзнeсувањe на душата кoн Бoга какo пo нeкoја скала. Прeд смртта, Јoван гo oдрeдил за игумeн свoјoт брат пo тeлo, Гeoргиј. Нo oвoј тагувал мнoгу пoради раздeлбата сo Јoвана. Тoгаш Јoван му рeкoл дeка, акo тoј сe удoстoи на близината Бoжја вo oнoј свeт, ќe мoли и тoј, Гeoргиј, да бидe зeмeн на нeбoтo. Така и сe случилo. Пo 10 мeсeци и Гeoргиј сe успал и сe всeлил мeѓу граѓанитe нeбeсни какo и вeликиoт му брат Јoван.

-
протојереј Чедомир Илиевски, Македонска Православна Црква „Св. Јован Крстител“ Џилонг, Викторија, Австралија.

Добродетелите во лествицата на Свети Јован Лествичник и Египетскиот Патерикон

 Вовед 
 
Бидите совршени како што е совршен вашиот Отец на небесата (Мт 5,48)
 
Тоа е основното начело и смисла зошто Бог го створил човекот. Во рајот човекот живееше во согласност со неговата природа, во појавата на гревот се разруши таа природна состојба, и се раскина заедницата на човекот со Бога, а дијалотог беше прекинат. Како последица на гревот настана и расцеп во самата природа на човекот. Тој се откина од изворот на природните благодатни енергии, од коишто се хранеше, умот му се помрачи а во неговото срце се зацарија страстите. Мерзоста на запустението седна на своето место. Тврдината на нашето срце е освоена, затоа е потребно повторно да се поврати власта над тврдината, односно да се очисти срцето од страстите. На тој пат на очистување подвижникот поминува три нивоа на духовен растеж: чистење на срцето, просветлување на умот и обожување. Лествицата и Египетскиот Патерикон преставуваат неисцрпни и постојано актуелни енциклопедии и кодекси на вистинско христијанско живеење во Светиот Дух. Во Лествицата се опфатени триесет поуки, описани во вид на скала по која монахот треба да се искачи за да достигне духовно совршенство. Совршенство е Самиот Богочовек Христос како единствен критериум за сите вредности, Којшто се наоѓа на крајот од скалата. Патот до тоа совршенство е борба со страстите. Со победата над одредена страст, душата ја стекнува соодветната добродетел и се зацврстува во доброто. Лествичник го опишува подвигот систематски и во сите негови детали. Ја анализира страста од сите можни и неможни аспекти на нејзината вгнезденост во душата. Како искусен лекар и психолог, го одредува степенот на болеста, и  потоа го препишува лекот и начинот на лечењето. Речиси сите поуки и совети на Свети Лествичник кореспондираат со умот на подвижникот. Кога човекот ќе ги прочита овие упатства,  добива една светлина во умот, едно знаење на нештата, коешто тој подоцна го користи во борбата за очистување на своето срце од страстите. Бидејќи го поминал патот и ја достигнал целта, сега како искусен стратег и воин, и како оној кој се извежбал во безстрастието, застанува и својата емпирија ја преточува во теорија, го осветлува патот што секој борец треба да го помине од својот почеток до крајот. Со тоа свети Лествичник на душата и прибавува едно теоретско познание и еден умствен увид за она што подвижникот практично го живее и вкусува. Духот на Египетскиот Патерикон е поинаков. Тој зборува низ тишината на пустината како извор на жива вода, неизглаголиви зборови и невидлива светлина. За драмата на благодатниот жив живот, за праксата на подвижникот, самите Старци и свети Отци преобразени и свети личности, не пишувале, туку сведочеле со својот свет и плиротичен живот – „Старче, доволно ми е само да те гледам“, и со збор, ако имало потреба од тоа. Аввите не се морални личности, тие се луди Христа ради, ослободени од секаков јуридичко-еретички систем. Нивниот етос е маченичкиот, ’дај крв, прими Дух‘. И тука основна тема е очистувањето на срцето од страстите и стекнување на блаженото безстрастие или совршенството преку стекнувањето на добродетелите. Како што погоре спомнавме, во однос на добродетелите во Лествицата преовладува теоретско објансување, додека во Старечникот добродетелта најчесто е опишана низ пример од секојдневниот живот на Отците од пустината. И покрај тоа што Лествицата го храни срцето, таа воглавно е храна за умот, а Отечникот најчесто го храни срцето. И кога овие две компоненти ќе се соединат во една, теоријата со праксата, умот со срцето, се доаѓа до првобитната човекова состојба на интергралност и прибраност пред Бога. Состојба на непрестајно повикување на Името Божјо внатре во очистеното срце, насладување со Неговите Боженствени благодатни енергии и гледање на Неговото Лице.

Преку овој труд ќе се обидеме да го синтетизирам предходно кажаното, земајќи ги во предвид добродетелите од Лествицата и поткрепувајки ги со соодветен пример од Отечникот. Ќе ја извлечеме суштината на добродетелта, ќе ги откриеме искушенијата што ја следат, ќе ја дијагностицираме внатрешната состојба на срцето и начинот на борба со страстите за стекнување на соодветната доблест, како лек и терапија, која пак си го повлекува со себе своето ’семејство‘ на сродни доблести, создавајќи во душата на подвижникот ’нови‘ состојби.

Текстот е извадок од дипломската работа на игумен Гаврил (Галев) на Теолошкиот Факултет, Свети Климент Охридски во Скопје, 2000 г.
Недела на преподобниот Јован Лествичник
 
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Четвртата недела од Великиот пост е посветена во спомен на преподобниот Јован Лествичник, светиот кој го носи називот Лествичник затоа што ни оставил учење за духовната лествица (духовното скалило), односно лествицата (скалилото) која го соединува небото со земјата.
Во светото Писмо ни е даден еден значаен расказ за праотецот на нашиот Господ, патријархот Јаков. Имено, eднаш тој останал да ноќева сам во пустината, и кога заспал, во сонот видел градба налик на кула, степеници кои се искачуваат кон небото, и ангели Божји како се искачуваат и слегуваат од нив, а на врвот на кулата го видел престолот на Небесниот Цар. Кога Јаков се разбудил, му станало јасно дека сновидението е сведоштво за тоа дека постои извесна таинствена, за нашите очи невидлива врска помеѓу Божјиот и тварниот свет. И таа врска, ете, во сонот му се претставила во вид на кула со степеници кои водат кон небото, затоа рекол: „Ова е свето место“.
Од тоа време многумина  задумувајќи се за човековиот пат, го споредувале со долго искачување на висока кула или, подобро кажано, на висока непристапна планина, чиј врв од земјата не може да се види.

Се сеќаваме дека Господ на своите први апостоли им рече дека ќе го видат небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат кон него и се симнуваат на земјата.  Во тие зборови увидуваме дека одалеченоста на луѓето од Бога, отргнатоста на смртните и грешни луѓе од Творецот ќе се поправи со таа врска.

Кој ги поврзал небото и земјата? Кој ги поврзал Бога и човека? Богочовекот, Господ наш Исус Христос! И, се разбира, Мајката Божја која ни го принесе во светот Божествениот Младенец. Токму затоа Пресвета Богородица во црковните песнопенија се нарекува Небесна Лествица, оти Господ нам ни суди преку неа. Значи, од времето на овоплотувањето на Господ Исус Христос небото веќе не е така далечно, не е толку отргнато од нас! Дадена ни е лествица и дадени ни се степени по кои се осмелуваме да се искачуваме и да се спуштаме.

Во дамнина околу древните планини во кои луѓето доаѓале и се молеле, започнале да се населуваат отшелници и подвижници. Така било и во Атинската гора, и на гората Синај, и во други прекрасни пусти места. И токму во Синај, во синајската пустина во гората Божја живеел свети Јован Лествичник. Тој ги минувал своите дни во малечок манастир: во труд, во мисли за целиот свет, за судбината на луѓето кои страдаат од злото, кое царува во светот. Често во утрата, уште пред изгрејот на сонцето, тој доаѓал да се помоли, ја гледал Синајската гора и ги гледал темните долини, повиени во самрак, ги гледал острите врвови, кои се издигнувале во облаците. Кога, пак, се појавувала зората врвовите на горите станувале црвени од надоаѓачкото сонце, а долу сѐ уште било темница. Во тоа време некои благочестиви поклоници, во самотија или во групи, започнуваат да се искачуваат нагоре, за да се помолат таму каде што Господ му се јавил на пророкот Мојскеј. И одат редови и редови на верни. Одат по лизгави патеки, по тешки патчиња, се искачуваат на стрмништа, се плашат да погледнат надолу, но одат нагоре, нагоре, кон врвовите кои се осветуваат од сонцето!

И тогаш преподобниот Јован го споредил нашиот човечки живот со таа гора по која се искачуваат поклониците, па сфатил дека е неопходно постојано искачување, оти оној кој не оди нагоре ќе биде принуден да талка во низината и засекогаш ќе остане плен на темнината и неверието.

Да, мили мои, нашиот живот е пат, и оној кој не сака да оди по него, оној кој мисли дека може да се биде христијанин и да се стои во место, тој се залажува и себеси, а се обидува да Го залаже и Бога. Ќе поминат десет, дваесет, шеесет години; доколку не сме создале ништо за Господа, доколку во ништо не сме напреднал, тогаш напразно поминале тие години. Други се искачиле, се издигнале на врвот, а оној кој тоа не го сторил просто се вртел во круг во темнината и во сенката на смртта.
Многу ни е страшно воопшто и да помислиме на тоа, затоа што на врвот нѐ чека Господ, а долу е темница... Темнина на грев, на леност, на инертност, мрзеливост. Таму стоиме во место, оти макар што ние себеси се нарекуваме православни христијани, сепак останатите отишле далеку, далеку пред нас!
Секој од нас по себеси знае што се случува кога човек ќе престане да се моли. Се чини дека ја оставил молитвата затоа што времето му е целосно одземено, но минала недела, две, месец – и потоа е исклучително тешко да се востанови срцето! Колку е тешко да се вратиме кон молитвата, оти душата се вратила наназад; не успеала да остане на местото на кое се наоѓала, туку го загубила и она што го имала.

Затоа, само напред! Постојано да тропаме за да го најдеме Бога! Постојано да бараме помош на тој пат! А тој пат е тежок: од една страна, - пропаст на униние, од друга страна нѐ загрозуваат колапси на искушение, од трета страна –  напукнатини на искушенија и тага. Но, имаме и помошници, имаме и водичи и указатели на патот.

Наш главен водач е Светото Писмо. Го отвораме и таму за нас е нацртано сѐ: како да се издигнуваме кон Бога, кон Неговото Царство. На тој пат имаме и указатели подобни на стрелки, кои ни укажуваат: овде е патот кој води кон светлината, а овде кон погибел. Така, сѐ знаеме прекрасно и сѐ ни е дадено.

На крајот имаме и спроводници до небесата. Што се тоа спроводници? Нашите заштитници, застапници, другари, нашите постари браќа – светиите, преподобните учители. Нивниот живот за нас е поука и упатство, тие се секогаш живи и се молат за нас, и за секого од нас се грижи ангел Божји. Секој од нас има свој свет покровител и свој ангел чувар. Спомнувајте си за нив, знајте дека тие никогаш нема да ве фрлаат на среде улица, и тогаш ќе можат да ви помогнат.

А зошто ние паѓаме, зошто се срушуваме, зошто трпиме неуспеси во своите обиди да се искачиме? Одговорот на тие прашања можеме да го најдеме во денешното Евангелие. Господ го прашува таткото на болното дете: „веруваш ли?“. А тој Му одговара: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“. И тогаш Господ го исцелил неговиот син. Така е и на нашиот пат. Доколку смме се решиле да се вериме себеси на Бога, доколку сме Му целосно предадени, тогаш ќе добиеме помош. А доколку по патот се движиме со страв, со сомнеж, тогаш сами ја отргнуваме од себе спасителната, кон нас испружена, Божја рака.

Еве веќе доаѓа втората половина на Великиот пост. А кој од нас знае дали ќе проживееме до наредниот пост, до наредниот Велигден, па дури и до овој Велигден? Животот минува, сѐ си заминува. Да побрзаме  сега да собираме сокровишта во своето срце. Да се искачуваме по скалилата. По скалилата на молитвата, по скалилата на доброто, по скалилата на воздржанието; и тогаш ќе нѐ опкружат помошници, тогаш ќе ни помогнат сите кои треба да ни го покажат правиот пат. Тогаш самиот Господ, Кој во висините, на врвот кој сјае нѐ чека, ќе ја протегне својат рака кон нас и ќе нѐ укрепи на нашиот тежок пат. Амин.

- протопрезвитер Александар Мењ
Фестивал на културното наследство на Канбера 2017

Македонската Православна Црква Св. Климент Охридски од Канбера со три настапи е вклучена во програмата на овогодишниот Фестивал на културното наследство на Канбера и регионот 2017 кој трае три недели и ќе се одржи 18 април до 7 мај 2017.

Првиот настап е во недела на 23 Април, вториот во недела на 30 април, а третиот во Недела на 7 Мај. Во трите дена црквата ќе биде отворена од 10:00 до 13:00 часот каде на Австралиската јавност ќе и бидат презентирани Православните велигденски традиции.

Оваа година сите христијани ќе го прослават Велигден заедно на 16-ти април, но зошто некои христијани имаат друг датум? Кои традиции се поврзани со Велигден? Повелете во Македонската православна црква Св. Климент Охридски во Канбера да и се восхитувате на архитектурата, прекрасниот ентериер и да бидете дел од утринската црковна богослужба.

Нашата црква е единствената православна црква што е избрана за овогодишниот фестивал. Уште пет други цркви од Католичката и Англиканската деномионација се вклучени во овогодишната програма.

Управниот одбор на црквата им се заблагодарува на Снежана Димитровска и отец Раде Митрев за нивниот труд и напорите во организацијата за овогодишниот фестивал.

Фестивалoт на културното наследство на Канбера и регионот 2017, ја одбележува 50-годишнината од референдумот за уставот од 1967 година кога за прв пат домородните Австралијци конечно беа вклучени во пописот, а со тоа и третирани како граѓани на Австралија. Од таа причина темата на овогодишниот фестивал "Прашања и промени" ќе се фокусира на комеморација на овој историски настан во продолжението на националната дебата за вклучување на домородното население, признавањето и прославата на нашето единствено културно наследство.

"Чувството за место" кое ни го нуди наследството, ни помага да разбереме од каде сме дошле и исто така да го дефинираме нашиот идентитет. Наследството на заедницата и дава чувство за врска и континуитет во приказната за прогресија низ времето, овозможувајќи нашето патување да продолжи во иднина. Темата "Прашања и промени", исто така, вклучува различни видови на гласови, кои го сочинуваат австралискиот идентитет, особено од традиционално исклучените групи како што Абориџините, жените и не-европските Австралијци.

Ве покануваме да научите нешто ново можеби од поинаква перспектива, за Канбера и регионот.

- Јовица Ѓоргоски, Претседател на Управнот одбор при МПЦ Св. Климент Охридски, Канбера и Член на Епархискиот црковно-просветен совет на Австралиско-Cиднејската Православна Eпархија

Акатист на Пресвета Богородица


„Радувај се, Пречиста Владичице, очистилиште на светот. Радувај се, лествице, која со благодатта ги издигнуваш сите од земјата. Радувај се, мосту, кој навистина ги преведуваш од смртта кон животот, сите што тебе ти пеат“ (песна од Канонот на Акатист на Пресвета Богородица).

На 24.03.2017 година, во петокот од Четвртата седмица од Великиот пост, во секоја црква низ Австралиско-Cиднејската Православна Eпархијана беше отслужен Акатист на Пресвета Богородица. Нa бoгoслужениетo мoлитвенo учествo зедoa голем број верници.

Македонска Православна Црква „Света Петка“ Рокдејл, Сиднеј, Австралија.
Македонска Православна Црква „Света Петка“ Рокдејл, Сиднеј, Австралија.
Македонска Православна Црква „Свети Ѓорѓија и Пресвета Богородица“ Епинг, Мелбурн, Австралија.
Македонска Православна Црква „Свети Ѓорѓија и Пресвета Богородица“ Епинг, Мелбурн, Австралија.
МПЦ-ОА ќе организира канонизација на игуменот Свети Кипријан Слепченски


Првата свечена активност од програмата за одбележување на златниот јубилеј на Македонската православна црква-Охридска архиепископија – 50 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ-ОА ќе се одржи на 30 април кога во манастирот „свети Јован Претеча“ кај селото Слепче.

Со одлука на Светиот архиерејски синод, на 30 април во манастирот во Слепче ќе се одржи канонизација на игуменот свети Кипријан Слепченски.

Канонизацијата на игуменот Кипријан Слепченски е закажана за 30 април затоа што на тој ден во 1780 година се упокоил монахот Кипријан Слепченски.

Очекувајте нѐ повторно наскоро!

Христос посреде нас!
 
Австралиско – Cиднејска Православна Епархија
Copyright © 2017 Macedonian Orthodox Church - Diocese of Australia-Sydney, All rights reserved.

Заштитени авторски права © Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија 2017 година. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, без претходна писмена согласност.

Our mailing address is:
mpc-oa@outlook.com 

Want to change how you receive these emails?
You can update your preferences or unsubscribe from this list
 






This email was sent to <<Email Address>>
why did I get this?    unsubscribe from this list    update subscription preferences
Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishopric · 340 Sydenham Road · Sydenham, VICTORIA 3037 · Australia

Email Marketing Powered by Mailchimp