Copy
Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Австралиско-сиднејска епархија 
View this email in your browser

„ПРЕОБРАЖЕНИЕ“

Електронски неделен билтен на Австралиско-сиднејската епархија при Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија

Година I; број 6, 18-ти мај 2017 – Недела на Слепиот

Издава:
Епархиски црковно-просветен совет на Австралиско-сиднејската православна епархија

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки и
Администратор Австралиско-сиднејски
г. Тимотеј +

СОДРЖИНА:
  1. Недела на Слепиот
  2. Свети Кирил и Методиј Солунски
  3. Воснесение на Господ Исус Христос - Спасовден
  4. Зошто треба да се оди во црква?

Недела на Слепиот
 

Со духовните очи ослепен, кон Тебе, Христе доаѓам, како слеп од раѓање, и во покајание повикувам кон Тебе:  Ти, за оние кои се во темнина, Светлина си пресветла! (Од Кондакот на празникот)

Евангелскиот настан со исцелувањето на слепородениот човек ни дава убава можност да позборуваме за неговото духовно значење, зашто празнувањето на овој настан од евангелската историја е карактеристика која да­ва смисла на денешната недела. Во кондакот од денешната богослужба ги слуш­нав­ме и овие зборови, „Со духовните очи ослепен, кон Тебе, Христе доаѓам, ка­ко слеп од раѓање, и во покајание повикувам кон Тебе: Ти, за оние кои се во тем­­нина, Светлина си пресветла!“, а овие зборови нè тераат да размислуваме за двете врсти на слепотија – духовна и телесна.

Телесната слепотија е физички недостаток кој нè лишува од можноста да ги видиме убавините од овој свет, кои Бог ги создал. Нè лишува од можноста да ги видиме своите родители, ближни и пријатели. За разлика од неа, духовната слепотија е многу пострашна, зашто станува збор за слепотија предизвикана од гревот, со која ние се лишуваме од можноста да ја видиме сопствената грешна состојба и да го видиме патот кон покајанието.

Нашата душа ја загубила способноста да Го види Бога зашто е грешна, па затоа очите на душата можеме да ги очистиме само пре­ку „покајни солзи“. Духовното гледање претставува гледање на вистината. Вис­тината се состои во сфаќање на фактот дека ние сме грешни луѓе, паднати, кои се одделиле од Бога. Духовниот поглед се избиструва кога човекот ќе биде спо­собен да ги открива и гледа своите гревови. Кога ќе открие еден грев, то­гаш на чуден начин тој почнува да гледа уште еден и уште еден, кои дотогаш не ги забележувал. Доволно е да ја здогледаме во себе гордоста, па таа да ни ја по­ка­же зависта, па гневот, среброљубието и т.н. И тогаш човекот треба да за­поч­не да ги оплакува своите гревови, а покајните солзи ќе бидат во можност да го из­бистрат нашиот духовен вид.

Откако ќе ги погледне своите гревови, кои по број се колку морскиот пе­сок, човекот ќе сфати дека никаква човечка и нечовечка сила не се во можност да го ослободат од тоа море на гревови, па дури ни самиот тој не може да се ослободи од нив. Секоја клетка од нашето битие, секоја педа од нашата душа е зафатена од болеста на гревот. Затоа, секој човек е должен да ги упати кон Хрис­та Господа зборовите: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш!“.

Кога човекот ќе почне постепено да се очистува од гревот, во неговата чис­та душа влегува Христос и тогаш во него пребиваат Христовите мисли, чув­ства и дела. Само на таков начин човекот го стекнува духовниот вид. Само на таков начин можеме да Го видиме Христа, да се соединиме со Него и засекогаш да пребиваме со Него во Царството небесно. Но, за да го достигнеме тоа, по­треб­но е да да ја разоткриеме гревовната обвивка, во која сме завиткани и која му пречи на духовниот поглед. Во Евангелието е речено: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“. Кој е првиот чекор што треба да го на­пра­виме, ако сакаме да Го видиме Бога? Секогаш најпотребно е да започнуваме со молитва, и тоа молитва која ќе биде упатена директно кон Самиот Спасител: „Господи, Ти дојде во светот за да ме очистиш, за да ми дадеш духовен вид! Јас светлината не сум ја видел, зашто мојот ум е помрачен и јас се наоѓам во гре­во­в­ниот мрак. Ако сум во мрак, тоа значи дека јас Тебе, Спасителу, не можам да Те видам, но јас верувам и знам дека Ти си тука, јас верувам и знам дека Ти ме слу­шаш. Затоа, Господи, очисти ме и дај ми можност да ги видам своите гревови!“.

На кафе со сестра Васа" Епизода 48: Недела на Слепиот.
Емисија на англески со македонски титули

А што е потребно да се направи кога по Својата милост, Господ ќе ни ги покаже нашите гревови? Потребно е да се сфати гнасо­ти­јата на секој грев, да се покаеме за него и да влеземе во борба со него. Потребно е секој­днев­но да просиме од Бога да ни ги открива нашите гревови, зашто, кога ние ќе се ослободиме од еден грев, кој ја заробил нашата душа, тогаш Господ ќе ни открие уште еден и уште еден… И на таков начин, како да одиме по скали, ние ќе ги упатиме нашите чекори напред кон светлината. Постепено нашиот живот ќе се исполни со радост, чистота и Христова правда. Ние ќе ја здогледаме светлината и ќе сфатиме каде треба да одиме, ќе стекнеме можност да разликуваме каде е правдата, а каде лагата, каде е доброто, вистината, убави­на­та… Така, борејќи се со гревот, ние ќе го познаеме вистинскиот пат. И тогаш Господ ќе нè поведе за рака, зашто ние цело време само Нему ќе Му се обра­ќа­ме за помош и ќе нè поведе по вистинскиот пат.

За жал, многу луѓе доаѓаат во храмот не пет или десет години, туку и по четириесет и педесет години, а сеуште пребиваат во це­лос­на духовна слепотија. Можеби ќе се запрашаме: зошто е тоа така? Познаваме луѓе кои редовно доаѓаат во храмот, се исповедаат, се причестуваат, а сепак, и понатаму се духовно слепи. Тоа е така, зашто духовната слепотија се лекува само со покајни солзи, се лекува со натчовечки сили во жел­ба­та за очистување од гревот. Единствено борбата против гревот може да ни да­де можност да ја видиме вистината. На таков начин постепено, според мерка­та на нашето движење кон Христа, ние сè помалку и помалку ќе грешиме, сè до­дека целосно не се просветиме. Впрочем, тоа е и целта на нашиот христијански жи­вот, тоа е и стекнувањето на благодат, тоа е и нашето спасение.

Потребно е да го знаеме и тоа дека Господ Исус Христос не дојде во све­тот за да му подари на слепиот вид или да ги излечи некому болестите. Господ Бог е добар и милостив и по нашите молитви Он ни дарува и здравје и било каква телесна помош, но Он не беше распнат на Крстот заради тоа, за ние да би­деме поздрави, побогати, посити, поубави… Колку и да сме поубави и поздра­ви, сепак, ние еден ден ќе умреме и нашето тело ќе биде предадено на земјата. Господ Бог сака да ни го даде Царството небесно. Но, него ние не сакаме да го видиме и постојано зборуваме само за тоа во колку убава куќа треба да живе­еме, во што поубаво да се облечеме, како да изгледаме пред другите, а сите тие мис­ли се само суета и ништо друго.

Многумина нема да бидат удостоени да влезат во Цар­ст­во­то Божјо. Пред многумина рајските врати ќе бидат затворени и ќе ги слуш­нат Божјите зборови: „Бегајте одовде, зашто не ве познавам кои сте! По ваше­то крштение вие толку многу гревови сте ставиле на терет на вашата душа, така што јас повеќе не ве познавам. Кога се крстивте вие бевте ангелски души, а сега погледнете сами на себе на што личите! Јас ви дадов благодат а вие во што се претворивте? Во блудници, во стомакоугодници, во пијаници, во детеубијци и не можам да се начудам од каде кај вас толку многу поганство! И такви какви што сте го барате Царството Божјо. Тоа е неможно!“.

Во друга прилика Господ вели: „Како си влегол овде кога не си облечен во свадбена облека?“. Ние можеби ќе одговориме: „Па како, Господи, јас Тебе Ти се молев?“. Да, ти си се молел и си барал. Си побарал пари, си ги добил, си просел здравје – си оздравел, си се молел за своите деца, и си го добил тоа што си го барал. А го побара ли некогаш Царството небесно? Ти беше ли некогаш потребно Царството небесно или не? Ако не ти било потребно, тоа значи дека нема ни да го добиеш! Него ќе го примат само оние, за кого тоа е цел и смисла на животот, кои целиот свој живот го посветиле во барање на тоа Царство, кои сè дале за да го придобијат тоа Царство. И кога Господ ќе ја здогледа во нашето срце вистинската желба за Царството небесно, Он тогаш и ќе ни го даде. Само на таков начин можеме да го стекнеме Божјото Царство.

Сите луѓе кои се родени на земјата се грешни, па затоа не треба да велиме дека Царството Божјо им припаѓа само на правед­ни­ци­те. Не, зашто таму сите се грешници, но грешници кои се покајале, кои пла­че­ле за своите гревови, кои се бореле против своите гревови и кои целиот свој живот го положиле во исправање на своите животни патеки. Таквите не доаѓа­ле напразно во светиот храм, туку доаѓале со молитви во устата и со покајни солзи во очите. Зашто Господ не гледа на лице кој е кој, туку гледа во човеч­ки­те срца какви се и дали го бараат Царството небесно. Токму затоа да се трудиме да го стекнеме духовниот вид, да се излечиме од духовната слепотија, да го ви­ди­ме во себе гревот и да го видиме и патот Христов, по кој секој од нас може да влезе во Царството Божјо. Амин!

Свети Кирил и Методиј Солунски
 

Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина…“ (Матеј 5: 16)

Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт - а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година - неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.

Воснесение на Господ Исус Христос - Спасовден

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото. Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 - 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова.

 

Повеќеилјадното религиозно искуство на човекот, го има посведочено следново:
 

  1. Длабоката внатрешна потреба на човекот да го разликува светото од профаното и;
  2. Светото мора да има свој „свет простор“, без кој хиерофанијата не се одигрува (тој „свет простор“ отсекогаш бил храмот, а во храмот – одигрувањето на одредените, строго пропишани ритуали и обреди).

Мноштво на ритуали до доаѓањето на Исуса Христа, во себе носеле многу магиско, без штетност од таквото дејство. Од времето на Христа, Црквата низ божествената Литургија, во целост ги осмислила сите дотогашни пагански ритуали, повикувајќи ги верниците активно и смислено да учествуваат, на новозаветен начин, значи мистично, а не магиски, во настанот на Литургијата. Ваквиот пристап кон христијанскиот црковен обред, ја исклучува доволноста на „приватната религиозност“ на одвоени поединци од соборната заедница, правејќи од ваквиот поединец, кога од Црквата самоволно се одвојува, „сува смоква“, подобна на онаа од евангелската парабола. Човекот со „приватна религиозност“ е невротичен човек, кој често уште од детството е заплашен со посесивност и манипулација од сопствените родители, па оттука и неговиот страв од секаква зависност. На човекот со „приватна религиозност“, сепак, му се заканува опасност, и тоа од агресивните секти, кои се настрвуваат токму на вакви осамени единки, кои, и не знаејќи, тежнеат за заедница, но не за својата лоша семејна, туку за слободна и исполнета со љубов заедница. На почетокот сектите симулираат ваква заедница, а потоа постепено ја преземаат контролата над поединецот, слично на онаа контрола, каква што поединецот доживувал во невротичното семејство. И така, една невротична заедница се заменува со друга.

Православната заедница сметам дека е најслободна заедница во христијанската религија, зашто никому ништо не наметнува, ниту од некого нешто бара. За да се пристапи кон ваквата заедница, неизбежно е потребно високо ниво на свест кај човекот-верник, кој се ослободил, како од стапиците на „приватната религиозност“, при која човекот не припаѓа на ниедна заедница, сметајќи дека на таков начин постигнал кулминација во слободата; така и од несвесната потреба за невротичната заедница, која наместо слобода, секогаш со восхит ќе му понуди леб. Иако протестантскиот христијанин Јунг ја искажал оваа општа вистина со оваа содржајна реченица: „Христијанството е високоразвиена религија, која бара и високоразвиена психа, за да може да ги развива своите благословени дејства“. Корифеите на православната мисла од ХХ век мислеле и верувале слично, изјавувајќи: „Единствено личностите можат да бидат членови на Црквата“.

Зарем оваа несомнена вистина нема да исплаши и обесхрабри многу православни верници, кои немаат „високо ниво на свест“, а редовно одат во црква и се придржуваат до сите пропишани обреди во Православната Црква, не разбирајќи ја многу, или ни малку, смислата на разните обреди (крштението, венчанието, маслосветот и т.н.)? Нормално дека целта на ова мое пишување не е да го ослабам било кој верник во неговата вера, туку имам желба на едните, кои се колебливи во верата и се агностични интелектуалци, да им укажам зошто воошто треба да одат во црква, а да не остануваат од неа одвоени како „слободни мислители“, а другите (православните верници), да ги поттикнам на почесто и посериозно проучување на содржините на преубавата и богата православна Литургија, како и длабокото значење на сите познати христијански свети Тајни.

Православната Црква со векови ги собирала на богослужение, во црквата, сите оние, кои се отповикувале на нејзиниот повик. Меѓу верните посетители на црквата секогаш имало, а така останало и до денес, и неписмени и полуписмени, и образовани и високообразовани, и млади и стари, и мажи и жени, и грешни и помалку грешни луѓе. На сите овие православни верници, со различни професии и титули, од селани до академици, нашата Црква им давала, а и денес им дава она, кое за секој од овие луѓе, кои влегуваат во црквата, им е најпотребно: На едните, само да запалат свеќа во црквата, да постојат неколку минути во молитва, да се исплачат, на колена да се помолат пред иконите на Христа и Богородица, та нивната љубов да ги излечи болните во семејството или да им ги прости гревовите, кои ја горат нивната совест; а на другите, кои во единствената молитвена заедница активно присуствуваат на Литургијата, да им се даде многу повеќе што ќе ја смири и разнежи човечката душа, како и благодатта, која Црквата обилно ја нуди и која само во Црквата може да се добие.

Времето во кое живееме наликува на предапокалиптично време, зашто е исполнето со мислите и делата на злите луѓе и демоните, како и сè почестото свесно определување на луѓето за зло. Живееме во време на лесно губење на идентитетот (верата и нацијата) и сè потешкото создавање на сопствениот идентитет, а особено кај младите. Се наоѓаме во ново окружување на „интернационализмот“ (на местото од поранешното, марксистичкото, сега е неопаганското) и сведоци сме на новиот триумфират на „златното тело“ (кое претставува нов вид на економски, но и на секое друго идолопоклонство). Нападнати со силни звуци и силна храна, од утро исполнети со грижи (проблеми и конфликти, внатрешни и надворешни), уште во вечерните часови сме исцрпени телесно и душевно, неспособни да им подадеме љубов на децата или на брачниот сопатник, дотолчени со плитки, банални и лажни телевизиски емисии, каде уште можеме да најдеме ќоше за мир и моменти за одмор? Понекогаш, а тоа е сè поретко,  во природата, при слушањето на музиката, во игра со децата кои ги љубиме, но најсигурно – во црквата. Било во неа да влегуваме кога таа е празна, за да можеме во целосна тишина на присутните светии од иконите и фреските да доживееме мир и интимна молитва, или во неделните и празничните дни на Литургијата, кога сите заедно, со црковниот хор, собрани во заедничка љубов кон Бога и светиите, да си ги одмориме душата и телото на најприроден начин, собирајќи сила (Божја енергија) за да им одолееме на искушенијата, кои неизбежно нè чекаат во наредните шест дена.

Во црквата одиме сами или со некој, кого најмногу го љубиме; одиме со семејството, роднините или пријателите; во црквата доаѓаме на крштевките, венчавките, опелата или парастасите за нашите ближни, кому му пружаме радост со нашето присуство. Во црквата влегуваме со длабока почит и благодарност кон нашите православни претци, кои го чувале и сочувале Православието низ сите векови, откако сме постанале како народ православен; кои се молеле за нас, своите потомци, како што и ние денес се молиме за мир и спокој на нивните души и за прошка на нивните гревови. Влегуваме во црквата за да ги видиме и чуеме проповедите на нашите свештеници, свештеномонаси, епископи, од чии зборови се учиме на основните христијански добродетели: трпението, скромноста, молчанието, православната просветеност и православниот образ.

Толку многу лоши навики во текот на нашиот кус или долг живот сме стекнале, од кои тешко се ослободуваме, ако и воопшто сакаме од нив да се ослободиме! Кога одењето во црква еднаш ќе постане наша навика, потоа, колку почесто ја посетуваме, ќе се увериме, овојпат и од сопственото искуство, а не на основа на сведочењата на другите, дека сме стекнале навика која единствено ѝ одговара на нашата вистинска и неизвалкана природа (Божјата природа во нас). Ќе сфатиме дека сме стекнале навика, без која повеќе не можеме да живееме, зашто нè упатува на единствениот и неповторлив начин на заедничарење со Бога, кој е патот на молитвата, патот во црквата. Зашто, „Црквата е постојана Педесетница“, според зборовите на авва Јустин Поповиќ.

Владета Јеротиќ

Очекувајте нѐ повторно наскоро!

Христос посреде нас!
 
Австралиско – Cиднејска Православна Епархија
Share
Tweet
Forward
+1
Share
Pin
Copyright © 2017 Macedonian Orthodox Church - Diocese of Australia-Sydney, All rights reserved.

Заштитени авторски права © Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија 2017 година. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, без претходна писмена согласност.

Our mailing address is:
mpc-oa@outlook.com 

Want to change how you receive these emails?
You can update your preferences or unsubscribe from this list
 






This email was sent to <<Email Address>>
why did I get this?    unsubscribe from this list    update subscription preferences
Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishopric · 340 Sydenham Road · Sydenham, VICTORIA 3037 · Australia

Email Marketing Powered by Mailchimp